• четврток, 15 јануари 2026

Општина Крива Паланка ќе субвенционира сертифицирање локални производители на органска храна

Општина Крива Паланка ќе субвенционира сертифицирање локални производители на органска храна

Крива Паланка, 14 јануари 2026 (МИА) - Општина Крива Паланка ќе субвенционира педесет отсто од трошоците за добиен сертификат за органско производство од овластено сертификациско тело на петнаесетмина производители на органска храна, кои се пријавиле за мерката за поддршка во рамките на програмата за локален економски развој за 2025 година.

- Општина Крива Паланка имплементира мерка за поддршка на локалните производители на органска храна преку објавување повик за прибирање барања за субвенционирање на трошоците за добиен сертификат за органско производство од овластено сертификациско тело. Мерката беше наменета за поддршка на локални сертифицирани земјоделци, кои се занимаваат со производство на органска храна. На повикот беа поднесени вкупно 15 исправни и уредни барања од локални сертифицирани производители на органска храна, при што сите пријавени ќе бидат субвенционирани во износ од 50 отсто од вкупниот трошок направен за сертификација. Со реализацијата на оваа мерка, локалната самоуправа, во рамките на своите надлежности, вложува напори за поддршка на локалните производители на храна, со цел зголемување на бројот на органски производители во иднина, подобрување на квалитетот на локалната храна и збогатување на понудата - информира службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.

Од таму велат дека интенцијата е унапредување на локалниот економски развој, зголемување на квалитетот и на конкурентноста на локалната храна, како и раст на приходите во локалната економија.

- Ги мотивираме и другите земјоделци да се вклучат во процесот на органско производство. Во текот на годината Општина Крива Паланка планира да имплементира и други мерки за поддршка за кои се очекува да придонесат кон унапредување на локалното земјоделство - велат од Општината. ид/дма/

Фото:МИА архива

 

 

Остани поврзан