Општина Крива Паланка распиша јавен повик за настани од културата
- Со јавен повик Општина Крива Паланка ќе собира предлог - проекти за организирање културни манифестации во општината во 2024 година. Целта на повикот е унапредување и развој на културата во Општина Крива Паланка, поттикнување и афирмација на творештвото на локалните уметници, грижа за унапредување на соживотот меѓу заедниците и континуитет на традиционалните културно- уметнички манифестации.
Крива Паланка, 6 ноември 2023 (МИА) - Со јавен повик Општина Крива Паланка ќе собира предлог - проекти за организирање културни манифестации во општината во 2024 година. Целта на повикот е унапредување и развој на културата во Општина Крива Паланка, поттикнување и афирмација на творештвото на локалните уметници, грижа за унапредување на соживотот меѓу заедниците и континуитет на традиционалните културно- уметнички манифестации.
-Целта на јавниот повик е успешна реализација на Програмата за активностите на општината во областа на културата и културните манифестации за наредната година. Ги повикуваме сите јавни установи, здруженија, фондации и други правни лица со регистрирана дејност од областа на културата, да се пријават на овој јавен повик. Критериум е правните лица што аплицираат да се со седиште на територијата на Општина Крива Паланка. За физичките лица услов е да се жители на Општина Крива Паланка и истакнати дејци од областа на културата, да придонесуваат за збогатување на културниот живот во градот, зачувување и афирмирање на материјалното и духовно културно наследство на Крива Паланка, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.
Потребната документација е наведена во јавниот повик, објавен на официјалната веб страна www.krivapalanka.gov.mk, а рокот за доставување е 15 ноември 2023.
Барањата се доставуваат во писмена форма до општинската архива, а сите што ќе бидат усвоени ќе бидат дел од Програмата за активностите на Општина Крива Паланка во областа на културата и културни манифестации за 2024 година. ид/дма/
Фото: МИА архива