• недела, 09 март 2025

Општина Крива Паланка потпиша договор за изградба на адреналински парк на Калин Камен

Општина Крива Паланка потпиша договор за изградба на адреналински парк на Калин Камен

Крива Паланка, 7 март 2025 (МИА ) – Крива Паланка ќе добие нова, атрактивна содржина за развој на туризмот, адреналински парк на Калин Камен што ќе се гради во рамки на најновиот проект на општината од ИПА програмата на Европската Унија за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

-Потпишан е договорот за најновиот проект „Прекугранична атрактивност – смарт туризам во регионот Ќустендил - Крива Паланка-Невестино“ од ИПА програмата на ЕУ, со кој Општина Крива Паланка ќе гради адреналински парк вреден 280.000 евра. Нашата општина го имплементира проектот во партнерство со: Општина Ќустендил, Центар за развој на третиот Североисточен плански регион, Општина Невестино, Трговско-индустриска комора Ќустендил и Национална установа - Музеј Куманово. Вкупниот буџет на проектот за сите партнери е 975.730 евра од кои за Крива Паланка се предвидени  305.000 евра, за изградба на нова и модернизација на постоечката туристичка инфраструктура - клучни за  развој во наредните години, информираа денеска од службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка.

Оттаму посочуваат дека ќе се работи на креирање одржливи туристички производи за привлекување поголем број посетители согласно повикот и приоритетната област во која е одобрен проектот:  развој на атрактивни, целогодишни туристички продукти за интегриран развој на прекуграничниот регион.

-Имплементацијата на проектот ќе придонесе за постигнување одржлив економски раст преку создавање услови и предуслови за зголемување на конкурентноста и атрактивноста на граничниот регион Ќустандил - Крива Паланка – Невестино, преку диверзификација на туристичката мобилност и атрактивни одржливи туристички производи кои ќе привлекуваат значителен број посетители. Заедничкото интегрирано решение ќе им овозможи на проектните партнери од двете страни на границата да усвојат, развијат и тестираат нови пристапи, производи и техники за промоција на туризмот во граничниот, користејќи го неговиот територијален потенцијал, додаваат од општината.

Проектот предвидува инфраструктурни интервенции на четири туристички локации: Ќустендил, Кокино, Калин Камен и Св. Ана, како и создавање дигитални туристички продукти што ќе ги подобрат условите за развој на туризмот во општините - партнери во проектот. иб/цр

Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан