Општина Крива Паланка достави четири приоритетни проекти за граѓаните на повикот од Владата за поддршка на општините
- Општина Крива Паланка со комплетно подготвена проектно-техничка документација достави четири приоритетни проекти за реализација согласно повикот за општините од страна на Владата со кој за Крива Паланка на располагање се 154.000.000 денари, додека со три проекти од областа на животна средина се очекува за општината да бидат одобрени 980.000 евра од Европската инвестициска банка преку Министерство за животна средина и просторно планирање.

Крива Паланка, 18 февруари 2025 (МИА) - Општина Крива Паланка со комплетно подготвена проектно-техничка документација достави четири приоритетни проекти за реализација согласно повикот за општините од страна на Владата со кој за Крива Паланка на располагање се 154.000.000 денари, додека со три проекти од областа на животна средина се очекува за општината да бидат одобрени 980.000 евра од Европската инвестициска банка преку Министерство за животна средина и просторно планирање.
Сите седум проекти со вкупна вредност од 3.5 милиони евра, денес официјално се доставени до Владата и Министерство за животна средина и во најскоро време се очекува да се реализираат.
-Со средствата од повикот на Владата за општините со кој на располагање за Општина Крива Паланка се 154.000.000 денари аплицирани се проектите: „Партерно уредување на мајор коритото на Крива Река, дел 1 и 4“ во вредност од 27.8 милиони денари, Реконструкција на патен правец кон Калин Камен“, проект вреден 61.2 милиони денари, „Реконструкција на дел од ул„Св.Јоаким Осоговски“, од „Дол Единство“ до спој со магистралата А2, со изградба на атмосферска канализација“, во вредност од 61.6 милиони денари и „Уредување на делови од спортски комплекс – трибини кај фудбалско игралиште“, во износ од 3.4 милиони денари, додаваат од општината, од каде посочија дека со реализација на проектите Општина Крива Паланка решава децениски проблеми за жителите и вложува во развој на градот со подобри услови за сите граѓани.
Со трите проекти од областа на водоводи и канализации, во износ од 980.000 евра преку МЖСП општината го решава проблемот со вода за пиење на жителите и од градот и од населените места во Конопница, додека во Маневци и населба „8 Октомври“ се решава проблемот со канализација и отпадни води, велат од службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка.
Станува збор за проектите за изградба на водоснабдителен систем за село Конопница, во должина од 8.8 километри, реконструкција на градска водоводна мрежа и доградба на нова водоводна линија, 5.3 километри должина и изградба на канализација за отпадни води во населба „8 Октомври“, над Маневски мост, во должина од 3.4 километри.
Месецов Општина Крива Паланка започна со градежни активности за реконструкција и изградба на улиците „Пиринска“ и „Никола Тесла“, а се уредуваат и два урбани зелени паркови: во населба „Бавчал'к“ и кај комплексот згради до градскиот зелен пазар. ид/дма/
Фото: Општина Крива Паланка