• среда, 25 декември 2024

Општина Кочани распиша конкурс за 30 студентски стипендии

Општина Кочани распиша конкурс за 30 студентски стипендии
Кочани, 15 ноември 2021 (МИА) - Општина Кочани го распиша конкурсот за доделување 30 стипендии за студенти од јавните високообразовни установи во државата за студиската 2021/2022 година. Од триесетте, до пет стипендии ќе бидат наменети за студенти од ромската етничка заедница, десет за студенти од социјално загрозени семејства, најмногу пет стипендии за студенти запишани на факултети за медицински науки, а останатите се за студенти кои постигнале висок успех во студирањето. Според условите на конкурсот, доколку не се пријават студенти од ромската етничка заедница и студенти запишани на факултети за медицински науки, или пак нивните пријави Комисијата ги оцени како неприфатливи, бројот на стипендии распределен за овие категории може да се додели на студенти од социјално загрозени семејства пријавени по јавниот конкурс кои ги исполнуваат условите за доделување стипендија, а според редоследот на рангирање по бодови согласно изготвената ранг-листа. Право на стипендија, чиј месечен износ е три илјади денари, имаат редовните студенти кои не повторувале година во текот на студирањето и не се корисници на стипендија или на кредит од други институции или компании. Од критериумите за доделување стипендии, успехот и материјалниот статус носат вредност според категоријата, а во сите категории пет бода добиваат децата на самохрани родители и студенти со посебни потреби. Приоритет за добивање стипендија имаат децата кои до полнолетството престојувале во домови за згрижување. Студентите на Технолошки факултет, Ветерина, Хемија, Биологија и на Текстилно инженерство ќе добијат пет поени плус, бидејќи нивните струки се утврдени за дефицитарни. Пријавата и потребните документи се поднесуваат до Едношалтерската канцеларија на Општина Кочани или по пошта, најдоцна до 29 ноември. та/мд/

Остани поврзан