• вторник, 17 декември 2024

Општина Демир Хисар ја одбележа 87-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски

Општина Демир Хисар ја одбележа 87-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски
Демир Хисар, 25 јуни 2021 (МИА) - Општина Демир Хисар пригодно, во Слоештица, родното село на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски, одбележа 87 години од денот на неговот раѓање. Од секторот за односи со јавност на тамошната локална самоуправа, информираат дека пригодната програмска свеченост се одвивала во просториите на Домот на културата „Илинден“, Демир Хисар, каде се наоѓа и градската библиотека „Петре М. Андревски“ која го носи името на демирхисарскиот литературен творец. -Во рамки на програмата пригодно обраќање приреди директорот на Домот на културата, Зоран Котевски и директорката на ЈОУ Градска Библиотека „Борка Талевски“-Прилеп, Моника Талевска, а потоа учесниците го посетија и оддадоа почит на вечното почивалиште на Андревски, на селските гробишта во Слоештица. Општинска делегација предводена од градоначалникот Марјанче Стојановски, членови од неговата фамилија и други гости, положија цвеќе и се поклонија пред споменикот на творецот кој со страст нурнуваше во слоевите на македонското минато и оттаму извлекуваше митски, магични, чудесни сознанија и пораки, посочуваат од Општна Демир Хисар. Според градоначалникот Стојановски, големиот македонски поет, раскажувач, драматург, романописец кој потекнува од демирхисарски крај, од село Слоештица, зазема едно од најдостоинствените местa во македонската култура, а неговиот богат книжевен опус пишуван со неговото благородно перо, го чува жив споменот за незаменливиот. -Петре М. Андревски беше врвен креатор, кројач на зборот и мислата, слуга на љубовта и убавина, промотор на својот роден крај и афирматор на богатата демирхисарска културна ризница, патриот и слободољубец, истакна Стојановски. Одбележувањето на годишнината од раѓањето на Петре М. Андревски заврши во дворот на семејството Андреевски, со рецетирање на неговиот публицистички исказ - поезија и цитирање на дел од неговите безвременски цитати, кои можат да продрат до сечие срце и да ја погалат душата, информираа од Општина Демир Хисар. мт/аа/

Остани поврзан