Општина Велес ќе треба да обезбеди 750 илјади денари за довршување на проектот „Паметни решенија Велес-Продолжуваме“
- Советот на Општина Велес на денешната 57 седница ја донесе одлуката со која од буџетот за 2025 година треба да обезбеди финансиски средства во износ до 750 илјади денари за исплата на дополнителни работи во рамките на проектот на Европската Унија „Паметни решенија Велес-Продолжуваме“.
Велес, 28 ноември 2024 (МИА) - Советот на Општина Велес на денешната 57. седница ја донесе одлуката со која од буџетот за 2025 година треба да обезбеди финансиски средства во износ до 750 илјади денари за исплата на дополнителни работи во рамки на проектот на Европската Унија „Паметни решенија Велес-Продолжуваме“.
Како што стои во образложението по оваа точка, дополнителни средства треба да се издвојат за исплата на изведувачите за дополнителни работи, а кои настанале при изведба на градежни работи на објект, изградба на два кружни текови, поставување енергетско ефикасно улично осветлување, реконструкција на улица во центарот на градот „8-ми Септември“ и изградба на улична канализација во Велес.
Како што информира за МИА, претседателот на Советот на Општина Велес, Даниел Јаневски, средствата ќе се обезбедат од Буџетот на општината за 2025 година преку програмата во областа на евроинтеграциите и локалниот економски развој.
Проектот „Паметни решенија Велес –Продолжуваме“ е во рамки на програмата „ЕУ за општините“, склучен на 17 ноември 2021 година меѓу ЕУ претставувана од Европската Комисија како договорен орган и Општина Велес и СЕГ Холдинг - Скопје како корисници на проектот. ад/ар/
Фото: МИА