• недела, 01 февруари 2026

Општина Берово работи на подобрување на комуналната инфраструктура, во Будинарци се обновува уличното осветлување

Општина Берово работи на подобрување на комуналната инфраструктура, во Будинарци се обновува уличното осветлување

Берово, 27 јануари 2025 (МИА) - Во рамки на Програмата за улично осветлување на Општина Берово, во тек е обнова на уличното осветлување во село Будинарци, со цел подобрување на безбедноста и квалитетот на живот на жителите во ова населено место.

Како што информира градоначалникот Петар Ружински, со реализацијата на оваа активност ќе се создадат подобри услови за безбедно и квалитетно движење на граѓаните, особено во вечерните часови, при што значително ќе се зголеми сообраќајната и јавната безбедност.

Новото улично осветлување ќе придонесе и за подобра видливост, унапредување на јавниот простор, како и за зголемување на енергетската ефикасност, што е дел од заложбите на општината за одржлив развој.

Од Општина Берово истакнуваат дека континуирано се работи на подобрување на комуналната инфраструктура во сите населени места, со цел создавање подобри услови за живот и обезбедување рамномерен локален развој.

Се наведува дека активностите опфаќаат поставување на современи светилки со LED технологија, кои обезбедуваат подолг век на траење, пониска потрошувачка на електрична енергија и намалени трошоци за одржување.

Жителите на село Будинарци позитивно ја оценуваат реализацијата на проектот, истакнувајќи дека подобреното осветлување ќе придонесе за поголемо чувство на сигурност, особено за пешаците и учесниците во сообраќајот, како и за поубав изглед на селото во вечерните часови.

Од локалната самоуправа најавуваат дека вакви активности ќе продолжат и во останатите населени места на територијата на општината, во согласност со програмските определби и приоритети, со фокус на унапредување на инфраструктурата и подобрување на секојдневниот живот на граѓаните.

Проектот е дел од пошироките напори на Општина Берово за модернизација на јавната инфраструктура и примена на енергетски ефикасни решенија, кои придонесуваат и за заштита на животната средина. вс/вг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан