• вторник, 24 декември 2024

Општина Берово обезбеди техничка документација за реконструкција на руинираната киносала

Општина Берово обезбеди техничка документација за реконструкција на руинираната киносала
Берово, 18 јануари 2021 (МИА) -  Општина Берово обезбеди техничка документација за реконструкција на руинираната киносала во градот. Реконструкцијата како што информираа од Општината, ќе се реализира во рамки на проектот „Градење на капацитетите кај општините за имплементација на проекти”.
-После долги години, се актуелизира прашањето за  реконструкција на кино салата, чија локација е во срцето на Берово и е од големо значење за жителите на Берово и околината и за подобрување на целокупната слика за општината. Се работи за проект кој го спроведува УНДП, преку Фондот за техничка документација, од првиот повик преку кој Општина Берово доби проект за изработка на техничка документација, за изградба на мултифункционална сала, на локацијата на постоечката киносала. Проектната документација е финансирана  од УНДП и Шведската агенција за меѓународен развој, преку Министерството за финансии - Единица за управување со проекти за подобрување на општинските услуги МСИП, истакнаа од Општината.
Со добивањето на техничката документација, како што додадоа Општина Берово станува конкурентна и спремна за идните повици, од предпристапните фондови.
-Ова е проект кој силно ќе допринесе во развојот на културата во Берово. Проектната документација за изградба на мултифункционална сала, ги содржи сите фази и компонентни, потребни за целосна финализација на една современа градба. Да се надеваме дека во најскоро време, ќе ги израдуваме граѓаните со најава на почеток на инвестиција, со што младите ќе добијат место, каде квалитетно би го исполниле своето време, ќе имаат место за дружење и развој на нивните креативни способности, кое беше предвидено во програмата на градоначалникот на Општината за локалните избори во 2017 година и на кое силно се работи со вложување на сите расположливи ресурси и покрај големите финансиски импликации, додадоа од Општината.
Реконструкцијата на киносалата во Берово како што дополнија се очекува да чини околу 92 милиони денари. Во меѓувреме во рамки на вториот повик, преку истата програма, општина Берово учествува со барање за техничка документација за изградба на мост на место викано „Трите реки” - с. Ратево - Берово, за кој се уште се чекаат резултати. вс/свс/

Остани поврзан