Општина Аеродром изврши контроли на над сто угостителски објекти, ќе се проверуваат и станбените згради
- Општината денеска информоира дека во тек е обработка на податоците собрани од терен и се изготвува анализа за состојбата со исполнувањето на законските одредби и подготвеноста на објектите за вршење угостителска дејност.

Скопје, 22 март 2025 (МИА) - Инспекциските служби на Општина Аеродром во текот на минатата недела извршиле контроли на околу 100 угостителски објекти кои работат на територијата на општината.
Општината денеска информоира дека во тек е обработка на податоците собрани од терен и се изготвува анализа за состојбата со исполнувањето на законските одредби и подготвеноста на објектите за вршење угостителска дејност.
- Исто така, Општина Аеродром веќе изготви план за контрола на хидрантските мрежи во станбените згради, за пристапите, како и за излезите од објектите за колективно домување и од понеделник, во соработка со куќните совети и со управителите на станбените објекти, ќе започне инспекција за состојбата во зградите, соопшти Општината.
В. д. градоначалникот Дејан Митески во вторникот, на 18 март, испратил барање до сите основни училишта и градинки „во најкус можен рок да достават одговори за состојбата со хидрантските мрежи во објектите, како и за ажурирањето на апаратите за гасење пожар“.
- Потребно е да достават и елаборати за противпожарна заштита, како и планови за евакуација. Општина Аеродром прави сѐ што е во нејзина надлежност за зачувување на безбедноста на граѓаните и обезбедување на сите услови за непречено одвивање на секојдневието, како на физичките, така и на правните лица, се наведува во соопштението. хс/лв/
Фото: МИА архива