ОПЕК ја намали прогнозата за раст на побарувачката, цената на нафтата дополнително падна
- Цените на нафтата паднаа втор ден по ред, повлекувајќи се од едногодишниот максимум, откако Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) повторно ја намали прогнозата за раст на побар
Токио, 12 февруари 2021 (МИА) - Цените на нафтата паднаа втор ден по ред, повлекувајќи се од едногодишниот максимум, откако Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) повторно ја намали прогнозата за раст на побарувачката во 2021 година, а Меѓународната агенција за енергетика соопшти дека снабдувањето на пазарот останува прекумерно.
Северноморската нафта „Брент“ е поевтина за 39 центи или 0,6 отсто на 60,75 долари за барел во азиското тргување во 7:43 часот по средноевропско време, откако цената падна за половина процент на претходната трговска сесија.
Американската сурова нафта WTI падна за 44 центи или 0,8 проценти на 57,80 долари за барел, продлабочувајќи ја загубата забележана во четвртокот кога цената падна за 0,8 проценти.
И двата вида нафта, кои важат за глобалните одредници за цените на пазарот на „црно злато“, пред само два дена забележаа највисоки нивоа од јануари 2020 година. Според новата проценка на ОПЕК, побарувачката за нафта низ целиот свет ќе се опоравува побавно во 2021 година отколку што се сметаше порано.
Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) соопшти дека понудата со нафта продолжува да ја надминува глобалната побарувачка, но се очекува вакцинацијата против Ковид-19 да го поддржи обновувањето на побарувачката.
Залихите на сурова нафта во САД неочекувано паднаа минатата недела за повеќе од 6,0 милиони барели, а рафинериите бележат раст на производството до нивоа пред пандемијата.
Во САД залихите на бензин скокнаа над очекувањата, за 4,3 милиони барели во последната недела. Побарувачката за бензин во последните четири недели беше 10 проценти помала отколку во истиот период во 2020 година. паг/