• понеделник, 16 декември 2024

ОН: Немаме информации за соборениот авион Ил-76

ОН: Немаме информации за соборениот авион Ил-76

Њујорк, 24 јануари 2024 (МИА) – Портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации Стефан Дижарик денеска изјави дека ОН немаат информации за соборениот авион Ил-76, освен она што го прочитале во медиумите.

- Видовме извештаи за соборување на авионот. Немаме никакви информации, освен она што е објавено во печатот. Се разбира, жал ни е за смртта на сите во авионот, но немаме апсолутно никакви дополнителни информации, изјави Дижарик.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно денеска изјави дека Русија побарала итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации поради соборувањето на авионот во регионот на Белгород.

Лавров изјави дека во соборениот авион имало украински воени заробеници кои биле префрлени во Белгородската област, каде што денеска требало да се изврши размената на заробените војници, за која претходно се договориле Москва и Киев.

- Наместо размена, украинската армија го нападна авионот од областа Харков со противвоздушни ракети и тоа имаше фатален исход, рече Лавров.

Украинската воена разузнавачка служба претходно соопшти дека немаат веродостојни и сеопфатни информации за тоа кој точно се наоѓал во авионот и колку патници имало и оти руската страна морала да ја гарантира безбедноста на украинските војници.

- Во исто време, украинската страна не беше информирана за потребата од обезбедување на воздушниот простор во областа на градот Белгород одреден временски период, како што тоа се правеше неколку пати во минатото. Украина не беше информирана за бројот на возила, маршрутите и начините на испорака на затворениците. Познато е дека затворениците се носат со воздушен, железнички и патен транспорт. Ова може да укаже на намерни дејствија на Русија насочени кон создавање закана за животот и безбедноста на затворениците, наведе службата.

Слетувањето на транспортен авион во воена зона од 30 километри не може да биде безбедно и за тоа во секој случај мора да разговараат двете страни, бидејќи во спротивно го доведува во опасност целиот процес на размена, нагласи украинската воена разузнавачка служба. јт/

Остани поврзан