• вторник, 17 декември 2024

ОН: Значителен напредок во преговорите за деблокирање на извозот на руско ѓубриво

ОН: Значителен напредок во преговорите за деблокирање на извозот на руско ѓубриво
Женева, 3 ноември 2022 (МИА) - Има значителен напредок во преговорите за деблокирање на извозот на руско ѓубриво, изјави денеска во Женева Ребека Гринспен, висока претставничка на ОН вклучена во преговорите. Сепак, таа призна дека има уште работа за отстранување на сите пречки. Станува збор за вториот од двата договори постигнати меѓу Русија и Украина во војната под покровителство на ОН и Турција. Првиот, кој дозволува извоз на украинско жито, истекува на 19 ноември, но Гринспен изрази надеж дека тој ќе биде продолжен.
Москва се жали дека извозот на нејзините прехранбени производи и ѓубрива, важен производ за светското земјоделство, е де факто блокиран, иако во принцип не е опфатен со санкциите на западните земји воведени по почетокот на руската инвазија во Украина. - Работиме многу напорно за да го спроведеме и имаме конкретни резултати. Направивме големи чекори напред, но има уште повеќе да се направи, рече Гринспен, која ја предводи Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД). Таа рече дека добиле појаснувања и разговарале со ЕУ, САД и Велика Британија за решавање на проблемите и оти верува оти е постигнат напредок, иако, како што додаде, не толку колку што би сакала.
- Ќе се обидеме да постигнеме јасен напредок и се надевам дека тоа ќе биде пред крајниот рок за договорот за извоз на украинско жито. Засега Русија одбива да каже дали ќе го одобри продолжувањето на тој договор за извоз на украинско жито, а напредокот по прашањето за извоз на нејзиното ѓубриво секако би ги олеснил работите. Гринспен ја објаснува блокадата на извозот на вештачко ѓубриво како секундарни ефекти од санкциите, поради кои приватниот сектор не сака да се вклучи во извозот на тој производ од страв да не го предизвика гневот на западните земји или да се најде на црната листа. ссм/

Остани поврзан