• недела, 24 ноември 2024

ОН загрижени за апсењата на авганистанските жени поради кршење на прописите за облекување

ОН загрижени за апсењата на авганистанските жени поради кршење на прописите за облекување

Кабул, 11 јануари 2024 (МИА) - Мисијата на Обединетите нации во Авганистан денеска соопшти дека е длабоко загрижена поради неодамнешните произволни апсења и притворања на жени и девојки од страна на Талибанците за наводно кршење на исламскиот кодекс на облекување кога се во јавност.

Мисијата во соопштението наведува дека ги истражува наводите за малтретирање и изнуда на девојчињата во замена за нивно ослободување од притвор.

Талибанците минатата недела соопштија дека уапсиле неколку жени во Кабул под обвинение дека носат „лош хиџаб“ - марама што целосно ја покрива косата.

Тоа претставува најнов удар врз правата на авганистанските жени и девојки кои веќе се соочуваат со низа забрани, вклучително и неможноста да добијат образование, вработување и пристап до јавните простори.

Во мај 2022 година, талибанците издадоа декрет со кој ги повикуваат сите жени во Авганистан да покриваат сè освен очите, препорачувајќи им да носат „бурка“ - покривка од глава до пети, слична на ограничувањата за време на претходното талибанско владеење помеѓу 1996 година и 2001 година.

Во соопштението на ОН се вели дека кампањите за наметнување на „хиџаб“ во главниот град Кабул и провинцијата Дејкунди се во тек од 1 јануари, при што голем број жени и девојчиња се предупредени и приведени.

Мисијата на ОН, исто така, наведува дека верските и етничките малцинства биле несразмерно погодени од акциите.

-Мерките за спроведување на наредбите, кои вклучуваат физичко насилство, се особено понижувачки и опасни за авганистанските жени и девојчиња, изјави специјалниот претставник на ОН и шефица на мисијата Роза Отунбаева.

Портпаролот на талибанците, Забибула Муџахид, кажа дека преокупацијата на ОН со авганистанските жени е неоправдана и ги отфрли сите обвинувања.

„Авганистанките носат хиџаб по сопствен избор и нема потреба да ги присилувате“, напиша тој на социјалната мрежа Х .

Портпаролот на авганистанското Министерство за пропагирање на доблести и спречување на пороци, Абдул Гафар Фарук денеска целосно ги отфрли обвинувањата од извештајот дека жени и девојки биле апсени или тепани поради носење „лош хиџаб“, нарекувајќи го „пропаганда на западните медиуми“. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан