• вторник, 24 декември 2024

Онлајн тркалезна маса по повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески

Онлајн тркалезна маса по повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески
Скопје, 18 март 2021 (МИА) - Во соработка со Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, денеска ќе одржи тркалезна маса на тема „Конески мостот што ги поврзува македонските и руските слависти“, во чест на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески, со почеток во 12 часот на платформата Зум. Настанот се одржува како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ која се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија. На тркалезната маса ќе се обратат Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје,  Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во  Северна Македонија, Анета Дучевска, декан на филолошкиот факултет „Блаже Конески“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Андреј Александрович Липгарт, декан на филолошкиот факултет  на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносо. Модератор на настанот е проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева, директор на Рускиот центар.

Во чест на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески оваа тркалезна маса е замислена како уште еден начин да се осветли личноста и делото на Блаже Конески, овојпат низ призмата на македонско-руските јазични, литературни и културни врски на која ќе се дискутира на следниве теми и тоа на руски и на македонски (како работни јазици):  Конески мостот што ги поврзува македонските и руските слависти и  перспективите и предизвиците на славистиката во 21 век.

 За руските мотиви и влијанието на руските поети во творештвото на Конески ќе зборуваат  Ала Шешкен и   Елена Верижникова од Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ и Кристина Николовска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

За патувањата на Конески во Русија и за неговото значење и улога во развојот и афирмацијата на македонистичките студии во Москва ќе се осврнат Димитар Пандев и Максим Каранфиловски од  Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при  Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, додека Весна Мојсова-Чепишевска од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе зборува за развивањето на културната соработка меѓу Северна Македонија и Русија, за улогата на Семинарот за македонски јазик, литература и култура и Рускиот центар како продолжувачи на плодната и успешна соработка меѓу овие две земји.

Македонистиката и славистиката на универзитетите во Русија е во фокусот на интересот во излагањата на  Елена Иванова и  Зоја Шанова од Филолошки факултет при Санктпетербуршкиот државен универзитет и на Ирина Аржанова од Воронешкиот унивеврзитет. ки/са/

            

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан