• среда, 27 ноември 2024

Онлајн разговор со италијанскиот писател Алесандро Барико на затворање на „Букстар“

Онлајн разговор со италијанскиот писател Алесандро Барико на затворање на „Букстар“

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Со настанот „Книжевната метафизика на Алесандро Барико: Метаморфоза на имагинацијата“, кој вклучува онлајн-разговор со авторот Алесандро Барико од Италија, денеска се затвора годинешното, јубилејно издание на Фестивалот на европска литература „Букстар“.

Како што соопштија од тимот на „Букстар“, ова е прв директен контакт на италијанскиот автор со својата македонска публика, oткако се случи преводот на романот „Свила“ на македонски јазик во 1999 година. Разговорот ќе стави акцент на неговите најважни дела, на неговите ставови за литературата, на задоволството од пишувањето и читањето и за приказните што сè уште ги крие во себе. Барико ќе добие специјална награда „BookStar“ X10 за исклучителни достигнувања во литературата. 

Како што е најавено, во текот на денот во „Лабораториум“ ќе се одржат и два настана од затворен карактер. Едниот настан е „Publishing Europe Fellowship“, замислен како професионален состанок меѓу странски и домашни претставници на издавачкиот сектор. Вториот настан е наречен „Мудар разговор“ и во него учествуваат странски и домашни издавачи, преведувачи, писатели и културни менаџери. Ќе се одржи и неформална туристичка тура „Кога писателот шета писатели“, која овој пат ќе ја предводи Тијана Милиќ.

На исландскиот писател Јон Калман Стефансон синиоќа му беше врачена наградата „Букстар“ за трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“. Статуетката и плакетата му ја додели Жарко Кујунџиски, организатор на фестивалот и главен уредник на „Антолог“, кој истакна дека дека оваа трилогија е длабока и интимна приказна.

- Сеопфатно искуство кое продира најдлабоко во човекот, пружајќи му исконско патување низ природата – трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“ на Јон Калман Стефансон е доказ за лирскиот квалитет проткаен во прозно дело, односно умешноста на авторот да спои идиолект на поет со приказна зачната од прозаист...Сликовитиот приказ на немилосрдната исландска природа авторот го вовлекува до најдлабокото од човекот – очајот за да ја прослави спасителната моќ на пријателството. Oваа триологија може да се класифицира како исклучително лична и длабоко интимна приказна – не зашто читателот е внесен во чудесната природа во светот на Стефансон туку токму поради секојдневните чувства кои се обработуваат – тага, болка, надеж, радост. Годинашниот лауреат на наградата „Букстар“, Јон Калман Стефансон ја има таа моќ преку своето пишување и најсекојдневните случувања и чувства да ги направи уникатни патувања врз имагинацијата на читателот од кои тој нема да излезе ист, каков што бил на почетокот, истакна Кујунџиски.

По доделувањето на наградата авторот Стефансон истакна дека не е тенденциозно неговото пишување за природата, како и тоа дека сака да пишува зашто сака да го промени светот и да допре најдлабоко во луѓето, да им ги исцелува раните.

-Не пишувам свесно за природата. Тоа едноставно е во мене, тоа е начинот на кој дишам. За мене пишувањето е создавање на светот. Пишувачот е создавач, а со тоа е и бог. Но бог греши, зашто секој што создава греши. Не можеш однапред да знаеш за што да пишуваш. Едноставно седнуваш и почнуваш. Сакам да го сменам светот со пишувањето, сакам да ги допрам луѓето. Пишувам за да создадам живот, да се борам против заборавот. Пишувам зашто тоа е сѐ што можам да направам, истакна Стефансон.

Фестивалот се одржува под слоганот „Преобразба“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, книжевната мрежа Традуки, ЕУ со тебе (Eu with YOU), Амбасадaтa на Германија, издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Амбасадите на Република Чешка и Италија, Културно–информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград, Исландскиот книжевен центар и Институтот за соработка и јазик „Камоеш“. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија. Визуелниот идентитет е авторство на Маја Плачкоска, која го изработи и фестивалското видео. бт/нд/

Остани поврзан