• четврток, 26 декември 2024

Онлајн-конференција за климатските промени и вклученоста на граѓанскиот сектор во носење политики

Онлајн-конференција за климатските промени и вклученоста на граѓанскиот сектор во носење политики
Скопје, 29 март 2021 (МИА) - Како да ги ублажиме последиците од климатските промени и колку е важно тие да бидат дел од политиките и активностите во сите сектори, се темите на кои ќе се дискутира на Националната конференција за клима, што од денеска онлајн ќе се одржува до 9 април. Конференцијата е завршна активност на тригодишниот проект „Да зборуваме за климатските промени“ што го реализираат „Еко-свест“, CNVP (Connecting Natural Values for People) и Движењето на екологистите на Македонија. - Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ се стреми да ги мобилизира граѓаните, заедниците во земјата преку нивна едукација за она што значат климатските промени, нивните последици, меѓутоа и како секој од нас влијае врз климатските промени, што може секој од нас да направи за да ги ублажи нивните последици и како да ги пренесеме овие информации во нашите заедници со цел да предизвикаме промена, вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на „Еко-свест“. Како што е најавија организаторите на настанот, на конференцијата треба да се обратат Штефен Худолин, раководител на секторот за операции при ЕУ Делегацијата, Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка на „Еко-свест“ и Нехат Рамадани, директор на CNVP за Македонија. - Во рамките на програмата на конференцијата ќе биде промовирана еколошката алатка екомапа.мк, ќе се зборува за визиите и целите за справување со промените во климата, за изработка на закон и стратегија за климатска акција и презентација на анализа за правни инструменти за климатска акција. Ќе се одржат и работилници за климатска акција, ќе се зборува и на темата за можностие за попаметно греење, како и за намалувањето на загадувањето на воздухот, водата и почвите. На 7 април ќе се одржи тркалезна маса на тема „Патот кон праведна транзиција“, а ќе се дискутира и на темата како да се прилагодиме кон климатските промени?,  изјави Нехат Рамадани, CNVP директор за С. Македонија. Како дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“ беа спроведени обуки наменети за граѓанските организации од земјата активни во секторите животна средина, рурален развој, шумарство. Целта на обуките беше подигнување на капацитетите на граѓанските организации за поуспешно и поефикасно работење на организациите, меѓутоа и подигнување на капацитетите на ГО за разбирање на климатските промени и комуницирање на оваа проблематика со пошироката јавност. Главната цел на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ е да создаде национална коалиција за клима чии членки ќе бидат силни и добро информирани граѓански организации способни да ги пренесат пораките од своите заедници до политичките лидери. Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ е финансиран од Европската Унија. цр/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан