• вторник, 24 декември 2024

Олбрајт: Трагедија е тоа што Бугарија, поради домашни причини, ја блокира Северна Македонија

Олбрајт: Трагедија е тоа што Бугарија, поради домашни причини, ја блокира Северна Македонија

Вашингтон, 8 декември 2020 (МИА) - Мислам дека е целосна трагедија тоа што после долгото време потрошено на решавање на прашањето за името со Грците, Бугарите, поради домашни причини, истакнаа такви барања за Северна Македонија, и затоа треба да се постави прашањето како Бугарија ги исполнува своите обврски кон ЕУ, изјави Медлин Олбрајт, поранешен државен секретар на САД.  

На денешното сослушување пред Комитетот за надворешни работи при Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Олбрајт одговараше на прашања од конгресмени за американската политика на Балканот. 

На прашање од конгресемнот Грегори Микс, демократ од Њујорк, како новата Администрација на Џо Бајден и Камала Харис треба да работи со Брисел за земјите аспиранти во ЕУ да не останат во чекалната поради своите соседи, а со оглед на блокадата што Бугарија ја постави за Северна Македонија поради прашања за нацијата и јазикот, таа рече дека новата Администрација треба да работи на тоа прашање. 

-Фактот дека Грците успееја да дојдат до договор, а на ова се потроши толку многу време и се работеше толку напорно, мислам дека е трагедија, и тоа севкупна, тоа што Бугарите, заради домашни причини, го истакнуваат сега ова, изјави Олбрајт. 

Додаде дека сега треба да се постави прашањето како Бугарија ги исполнува своите обврски кон ЕУ. 

-Мислам дека тоа е многу важно прашање што ги подвлекува нашите напори на Балканот, а тоа е да постои соработка на економски и политички план, изјави таа. 

Олбрајт е со потекло од Чешка, и е првата жена во историјата на САД која служела како државен секретар. На оваа позиција таа беше од 1997 до 2001 година, во Администрацијата на Бил Клинтон, и за време на конфликтот во Косово и бомбардирањето на поранешна Сојузна Република Југославија од страна на НАТО и САД. кб/вг/

Остани поврзан