• вторник, 24 декември 2024

Од утре во етер документарниот проект Covidmembrance

Од утре во етер документарниот проект Covidmembrance
Скопје, 19 септември 2021 (МИА) - Како дел од третото издание на Media Innovation Lab одржан во декември 2020 година под покровителство на USAID's BMAP, утре македонски тим составен од новинари и дигитални уметници ќе го објави минисеријалот Covidmembrance. Се работи за краток документарен проект кој обработува пет различни теми поврзани со светската пандемија предизвикана од вирусот Ковид 19, кои ја отсликуваат социо-економската состојба во Северна Македонија. Како носител на документарните видео-записи изработен е дигитален музеј во вид на веб-платформа - www.covidmembrance.com. -New Image е првата епизода која ќе биде објавена утре, а во наредните пет недели, секој понеделник ќе се објавува друга кратка епизода со различна тематика. New Image е епизода која ја третира заштитната маска, односно стручни објаснувања и осврт на обичниот човек, зошто истата се носи, дали штити и како луѓето ја прифаќаат. Во Fearing other ќе ги слушнеме приказните на сите оние професионалци кои работеа и во екот на пандемијата, додека From doubters to believers е епизода која се основа на лична приказна за загубата на блиските низ лавиринтите на бирократијата и потрагата по пари за лекување. Covidless го прикажува секојдневието на луѓето кои работеа од дома, а се пренесува и примерок од онлајн наставата на учениците, додека епизодата The Next day се осврнува на борбата со Ковид 19 и можните последици. Минисеријалот е во комплетна продукција на авторите Влатко Чаловски, Вероника Камчевска, Дарко Комненовиќ и Бојан Коцевски, додека оригиналниот звук е дело на Горан Москов. Според нив, приказните опфатени во Covidmembrance имаат за цел да ги прикажат различните аспекти предизвикани од социо-економските, културните и психолошките промени од пандемијата со Ковид 19. - Самиот наслов на минисеријалот, на целиот проект, наречен Covidmembrance сметаме дека е доволно иновативен и индикативен за публиката. Ние во текот на оваа пандемија неколку пати се навраќавме, како јавност, на шпанскиот грип кој одземал многу животи, но факт е дека немавме доволно приказ. Овие мини документарци кои ги изработивме со над 30 интервјуа со професори и граѓани ни дозволија да ја запазиме овогодинешната тема на MIL - етичко известување во текот на пандемијата. Замислете кога друг пат би слушнале како еден такси возач се исплашил само од кивањето на патник? Тоа се тие ситници кои оставаат белег, на кои ќе можеме да се навратиме во иднина“, велат авторите во соопштение. оџ/лв/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан