• вторник, 24 декември 2024

Од австрискиот премиер се бара да реагира на изјавите на Орбан

Од австрискиот премиер се бара да реагира на изјавите на Орбан
Виена, 26 јули 2022 (МИА) - Меѓународниот комитет на Аушвиц побара од австрискиот премиер Карл Нехамер да изрази незадоволство на средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан поради коментарите за „расно мешање и невкусната шега за гасот и Германците“.
„Меѓународниот комитет на Аушвиц е шокиран и вознемирен од расистичките испади на Орбан и во врска со тоа очекува австрискиот премиер Карл Нехамер да му даде до знаење на гостинот од Унгарија како се перцепираат неговите расистички излети во минатото и иднината на Европа во рамките на Европската унија“, изјави потпретседателот на тоа тело Кристоф Хојбнер.
Нехамер во четврток треба да се сретне со унгарскиот премиер и е првиот од „европските колеги“ кој ќе има можност да реагира на говорот на Орбан одржан минатиот викенд.
„Европската унија мора да продолжи што е можно повеќе да се дистанцира од расистичкиот став на Орбан и да му покаже на светот дека Орбан нема иднина во Европа“, рече Хојбнер.
Според него, „зборовите на Орбан ги потсетуваат преживеаните од Холокаустот на мрачните времиња на изолација и прогонство“.
Во саботата, во романскиот град Баиле Туснад, Виктор Орбан пред своите поддржувачи зборуваше за „мешањето на расите“, укажувајќи на европските народи и „дојденците однадвор“. Во истиот говор Орбан ја поврза сегашната гасна криза со минатото на Германија, алудирајќи на Холокаустот и владеењето на националсоцијалистите. Австрискиот канцелар засега не ги коментираше изјавите на Орбан од минатиот викенд. Нехамер преку Твитер порача дека со нетрпение очекува да се сретне со Орбан и посочи на согласност со Унгарија кога станува збор за борбата против илегалната миграција. паг/    

Остани поврзан