• среда, 27 ноември 2024

Одржан глобалниот натпревар на ФАО за постер по повод Светскиот ден на храната, Милановски од Куманово победник

Одржан глобалниот натпревар на ФАО за постер по повод Светскиот ден на храната, Милановски од Куманово победник
Скопје, 20 јануари 2021 (МИА)- И покрај силната конкуренција на деца и млади ширум светот четиринаесет годишниот Павел Милановски од Куманово е победникот на глобалниот натпревар на ФАО за постер по повод Светскиот ден на храната. Во соопштението испратено од тимот стои благодарност до хероите на храната, а тоа како што велат се земјоделците и и работниците низ целиот синџир на снабдување со храна кои, без оглед на околностите, обезбедуваат храна за нашите заедници и пошироко. -Оддавањето чест токму на овие херои го инспирираше 14-годишниот Павел Милановски од Куманово да ги преточи својот уметнички талент и имагинација во победнички постер кој им оддава чест на земјоделците како херои на храната #FoodHeroes. Павел ја освои првата награда во категоријата од 13-15 години на глобалниот натпревар на ФАО за постер по повод Светскиот ден на храната во 2020 година, во силна конкуренција на деца и млади ширум светот. Како млад уметник, Павел има освоено многу други национални и меѓународни уметнички натпревари на тем поврзани со руралниот живот, одржливото живеење и грижата за животната средина, стои во соопштението. Според победникот Павел, земјоделецот е суперхерој, а не некој што едвај заработува за живот, затоа, тој смета дека не смееме да ја земаме храната и луѓето што ја произведуваат здраво за готово. Тие треба да бидат поддржувани да одгледуваат разновидна храна за да ги нахранат луѓето и да ја одржуваат нашата планета. -Кога Павел бил мал, неговите родители често го носеле во блиско село за набавка на свежи производи произведени од локален земјоделец. Тој бил поучуван дека со избирање на локално произведена храна, можеме да им помогнеме на малите земјоделци кои ја произведуваат нашата храна, на нивната локална економија, но и на животната средина, се наведува во соопштението. Инаку, Павел и стотици други млади натпреварувачи ширум светот се шампиони на целта на ФАО да се поттикне почит кон храната, кон луѓето што ја произведуваат, кон ресурсите кои притоа се искористуваат и, што е најважно, кон сите оние на кои храната им недостига. свс/ац/

Остани поврзан