• среда, 29 јануари 2025

Одржана Светосавска академија по повод националниот празник на српската заедница во Македонија

Одржана Светосавска академија по повод националниот празник на српската заедница во Македонија

Скопје, 27 јануари 2024 (МИА) - Свети Сава не е само симбол на српскиот народ, туку на универзалните вредности кои ги почитуваме сите, мирот, љубовта и заедничката желба за напредок, изјави премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски. 

На вечерашната Свечена Светосавска академија, во организација на Српскиот културен центар, по повод Свети Сава – националниот празник на српската заедница, Мицкоски посочи дека и Свети Климент и Свети Сава ја разбираат силата на знаењето и духовноста како средства за создавање посилни заедници.

- Нивните дела не се само симболи на минатото, туку и се патоказ за иднината. Она што ги поврзува овие двајца великани е нивната визија за народи кои се образовани, силни во својата вера и обединети во своите вредности, рече тој.

Според него, српската заедница во Македонија е важен дел од општеството, таа претставува жив сведок на нашата мултикултурна и мултиетничка традиција и преку својата култура и традиција активно придонесува кон културното богатство на нашата земја.

- Македонија и Србија имаат длабоки вкоренети историски врски што не се само од политичка или економска природа, туку братска, културна и духовна. Нашата соработка е пример како две соседни држави можат да соработуваат и да создаваат заедничка иднина. Европските интеграции кои се наши заеднички стремежи се важен сегмент во нашите односи. Веруваме дека македонско српското пријателство ќе биде дополнителен мост кон европските вредности на демократија, владеење на правото и почит на човековите права, дополни премиерот. 

Српскиот Партријах Порфириј изјави дека една црква е многу позначајно од кое било друго единство.

- Затоа што секое друго единство може да биде помалку или повеќе силно и да има пократок или подолг рок на траење, но има свој почеток и крај. Единството во верата е единство кое се заснова на непоколеблив темел кој се вика Исус Христос. Тоа е единство на сите народи што се родени со светиот дух и поврзани со една вера, рече тој.

Сподели радост што денеска заедно со значајни претставници од заедниците и институциите прославуваат 850 годишнина од раѓањето на Свети Сава.

- Свети Сава нѐ собира и денеска, тука, да го продолжиме неговото дело, да продолжиме да одиме по патот господов по кој одиме и кој нѐ донесе до тука, рече тој.

Претседателот на Собранието на Република Црна Гора, Андрија Мандиќ, посочи дека свеченоста како оваа, како што рече, нѐ потсетуваат на длабоките темели на нашата духовност и култура.

- Денеска кога се собираме во Скопје, град со посебна историска важност, праќаме порака на мир и заедништво, рече тој.

Милорад Додиќ, претседател на Република Српска рече дека најважниот дел во нивниот идентитет е токму српската православна црква. 

- Имаме право да го истакнеме нашиот идентитет и да ги покажеме нашите способности, како и да се воодушевуваме на другите и нивниот идентитет, рече тој.

Годинашниот добитник на свечената повелба, министерот за култура на Република Србија, Никола Селаковиќ, одржа беседа за Свети Сава. ар/нд/

Фото:МИА 

Остани поврзан