• сабота, 21 декември 2024

Одржана завршната конференција на проектот „Грижи се“

Одржана завршната конференција на проектот „Грижи се“

Скопје, 20 јуни 2023 (МИА) - Придонесот кон подобрени, функционални, ефективни и одржливи социјални и здравствени услуги за луѓето кои се изложени на зголемен ризик и сиромаштија поради Ковид – пандемијата се остварувањата на проектот „Грижи се“, кои беа претставени на завршната конференција, што се одржа денеска во конференциската сала на Јавна соба. Конференцијата ја одржаа Хуманитарно – добротворната фондација Македонски каритас, Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“ – Тетово и Здружението на граѓани за помош на бездомници.

Проектот „Грижи се“ – Интегрирани социјални и здравствени услуги за ранливото население на Западен Балкан е поддржан од страна на меѓународната програма на Сојузното министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштитата на потрошувачи на Република Австрија, координиран од Каритас Австрија. Проектот траеше во периодот од јули 2021 година па се до јуни годинава и ја опфати територијата на град Скопје и Тетово, Гостивар и Јегуновце, при што се интервенираше и на други населени места како резултат на потребата од неодложна интервенција кај семејствата кои се соочуваат со висок социјален или здравствен ризик.

Како што истакнаа учесниците на конференцијата, со овој проект се овозможи поддршка при вдомување, работилници за животни вештини, психо-социјална поддршка за ранливите категории, добивање информации потребни за вршење на социјални услуги, вклучување на лицата кои немаат регулирано здравствено осигурување во јавното здравство, запишување на деца во градинки и училишта, придружба до соодветните институции при вадење на лична документација, регистрирање на евидентните лица, запознавање со нивните здравствени проблеми како и давање на совети за правилно користење на терапијата, помош при совладувањето на училишниот материјал кај децата, вдомување како и поддршка во плаќањето на станарината и режиските трошоци и многу друго.

Харалд Фугер, аташе на Сојузното министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија на конференцијата истакна дека чул оти се подготвува проект наследник на проектот „Грижи се“, чиј фокус ќе биде ставен на превенција на иселувањето и домот на прво место. Проектот ќе овозможи интервентна помош на лицата на кои има се заканува напуштање на домовите поради неплатени сметки со цел да се спречи останувањето без дом, како и на оние кои веќе се на улиците со цел да им се обезбеди покрив над главата.

На конференцијата се обрати и амбасадорот на Австрија во Северна Македонија, Георг Вуцас, кој порача секој да даде свој придонес за подобрување на самиот себе, затоа што тоа генерално ја подобрува и води кон напредок на целата држава. -Тоа предизвикува силна социјална кохезија, а воеднио и инклузија, истакна амбасадорот.

Директорот на Хуманитарно-доброволната фондација Македонски Каритас, отец д-р Зоран И. Стојанов се заблагодари на Каритас Австрија и на Сојузното министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Репуплика Австрија за поддршката и соработката и истакна дека нереално би било да не се каже дека „ние имаме потреба од продолжена помош и во иднина за усвојување на стандарди кои се применуваат во некои делови од Европа“. Тој нагласи дека Македонски Каритас се залага за доживотно учење.

Претседателот на Здружение на граѓани за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци „Љубезност“, Тони Станковски истакна дека Здружението од 2018 година се обидува да се кодифицира во делот на малку посеопфатно давање на услуги, помош при вработување како и вадење документи со цел да им се овозможи на лицата сами да придонесуваат за себе и за своите семејства. Здружението во рамки на проектот „Грижи се“ се вклучило со работа посебно во делот на вдомување и планирање на личните финансии.

- Успеавме да направиме план за финансии со семејство кое што добива приходи од собирање на секундарни материјали со кој за период од шест месеци собравме 2000 евра, нагласи Станковски.

Извршниот директор на Асоцијација за демократски развој на ромите „Сонце“, Ферди Исмаили истакна дека проектот претставувал еден од најголемите предизвици за нив и дека се обидуваат на национално и локално ниво да воспостават механизми и политики со кои што државата ќе ги препознава ваквите ситуации и сите заедно да работат на гарантирање на нивен одржлив развој. Тој додаде дека се борат за истата стартна позиција на Ромите со останатите народи. сан/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан