• понеделник, 23 декември 2024

Одлуки од 12. седница на Владата

Одлуки од 12. седница на Владата

26 март 2024 

Од 12. Владина седница: Реформска агенда за Планот за раст од Европската комисија; Одлука да се разгледа законски основ за никотинските ќесички и ограничување на нивната употреба; Законски рок до Изведувачот на автопатот Кичево – Охрид; Одлука во рамки на модернизацијата на Армијата; Идентификација на дигитални иновациски хабови во државава како дел од проектот Дигитална Европа; Одлука за кадровското решение во ЦУК на следната седница; Одлука за летно сметање на времето

Владата, на предлог на Секретаријатот за европски прашања, ја разгледа и усвои Информацијата за статусот на подготовка на Реформската агенда 2024-2027, во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан.  Задолжени се надлежните институции, да ја финализираат нацрт-реформската агенда 2024-2027, која потоа ќе се достави до Европската комисија.
 
Реформската агенда претставува сеопфатен пакет на мерки за постигнување на предвидените цели, предвидена е исплата два пати во годината, а плаќањата, како што предочија од Секретаријатот за европски прашања, се условени со реализација на квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за периодот од 2024-2027 година.

За Северна Македонија, приоритетни области коишто се договорени со ЕК се однесуваат на:

1. Управување/ Реформа на јавна администрација и Управување со јавните финансии
2. Дигитална, Енергетска/ Зелена транзиција
3. Човечки капитал
4. Деловно опкружување
5. Владеење на правото

Во Реформската агенда ќе треба да се утврдат и приоритети за инфраструктурни инвестиции (преку WBIF), коишто треба да се однесуваат на: транспорт, енергетика, дигитална трансформација и човечки капитал, коишто се прифатливи за финансирање преку Механизмот на Планот за раст.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за законски основ за никотински вреќички. Задолженија, во врска со Информацијата, има до повеќе надлежни органи и институции, меѓу коишто првенствено до Министерството за здравство. 


Ова министерство треба да изработи анализа со којашто ќе се утврди дали никотинските вреќички се безбедни за населението од здравствено токсиколошки аспект и дали производот треба да биде во слободна продажба во Република Северна Македонија, или при евентуално одобрување на пазарот треба да се стави забрана за продажба на лица помлади од 18 години.

Владата го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да формира работна група со претставници од Министерството за здравство, Министерството за економија, Министерството за финансии - Царинска управа, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство - Државен инспекторат за земјоделство и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија (МАЛМЕД), којашто ќе треба да изработи компаративна анализа на законодавството за проблематика во врска со никотинските вреќички во ЕУ и Западен Балкан, како и да даде предлози за изменување и дополнување на прописите во областа со којашто се регулира здравствената безбедност, прометот, даноците и акцизите за никотинските вреќички во државава, а врз основа на изготвената анализа од Министерството за здравство.

Владата, на предлог на Министерството за транспорт и врски, ја разгледа Информација за потребата од донесување Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци - Штип и патна делница Кичево – Охрид, заради склучување Анекс бр.6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид и ги утврди предлог одредбите на дополнувањето.

Со утврдените законски дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога Изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница.
Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница.

Владата, на предлог на Министерството за одбрана, ја разгледа и усвои Информација на доделување на Амандман број 5 (Amendment 5 to Letter of offer and acceptance-LOA MK-B-UCC  JLTV) кон склучениот договор влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала, помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави и го утврди усогласениот текст на Амандманот.

Амандманот 5, како што е образложено, е во согласност со писмото за барање за конкретната набавка и претходните одлуки на Програмска и Управна група во Министерството за одбрана за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV. Финансиските средства не се на товар на буџетот на Министерството за одбрана, од причина што износот ќе се плати со користење финансиски средства од програмата FMF (Foreign Military Founds), коишто се донација од Владата на Соединетите Американски Држави.

Со ова завршува првата фаза за опремување на Армијата и лесната пешадиска баталјонска група со лесни оклопни возила, како дел од проектот на Министерството за одбрана за набавка на лесни оклопни возила на тркала, којшто е предвиден  да се реализира во периодот од 2019 - 2027 година, како дел од Долгорочниот план за развој на одбранбените способности за модернизација и опремување на Армијата на Република Северна Македонија и постигнување целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО.

Владата, на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација ја разгледа и усвои Информацијата за процес на идентификација на дигитални иновациски хабови во Република Северна Македонија и ги одобри пријавените хабови за настапување на повикот во рамки на програмата Дигитална Европа.

Оваа програма за финансирање на ЕУ е фокусирана на доближување на дигиталната технологија до бизнисите, граѓаните и јавната администрација и се очекува да обезбеди стратешко финансирање, поддржувајќи проекти во пет клучни области: суперкомпјутери, вештачка интелигенција, сајбер безбедност, напредни дигитални вештини и обезбедување широка употреба на дигитални технологии во економијата и општеството. 


Со планираниот вкупен буџет од 7,5 милијарди евра (за сите земји) програмата има за цел да го забрза економското закрепнување и да ја обликува дигиталната трансформација на општеството и економијата, со придобивки за сите, но особено за малите и средни претпријатија. Програмата Дигитална Европа е дел од повеќегодишната финансиска рамка 2021-2027 година.

Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе Одлука за денот и моментот на воведувањето и денот и моментот на завршувањето на летното сметање на времето во 2024 година.

Летното сметање на времето во 2024 година започнува на 31 март во 02:00 часот, така што со поместување за еден час нанапред времето во 02:00 часот, се смета како 03:00 часот. Летното сметање на времето завршува на 27 октомври во 03:00 часот, така што со поместување за еден час наназад времето во 03:00 часот, се смета како 02:00 часот. Одлука за воведувањето летното сметање на времето е согласно Законот за сметање на времето („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/96 и 16/97) и согласно европски директиви.

Владата на Република Северна Македонија одлучи на следната владина седница да се донесе одлука во врска со кадровското решение во Центарот за управување со кризи.


Со почит,

Сектор за односи со јавноста
Генерален секретаријат, Влада на Република Северна Македонија 

фото: Влада 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан