• понеделник, 23 декември 2024

Одговор на Викарниот Епископ Стобиски г.Јаков на одлуката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Одговор на Викарниот Епископ Стобиски г.Јаков на одлуката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Скопје, 26 јуни 2023 

Неодама добив претставка од Квир Центарот во Скопје, порано познат како Субверзивен фронт, обвинувајќи ме дека сум извршил говор на омраза и насилство врз трансродовите лица со тоа што на моето гостување во емисијата Детектор, каде се дебатираше за Законот за родова еднаквост, искажав ставови кои ги потврдуваат врвни светски стручни лица, доктори, психолози и психијатри – дека за некој да биде трансродов, треба да биде дијагностициран со патолошката состојба наречена родова дисфорија или растројство на родовиот идентитет. Се разбира, јас веднаш одговорив на таквите обвинувања и испратив детален одговор до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во кој понудив линкови од светски реномирани медиуми, прирачници за психијатри, изјави од доктори и психолози, кои ги потврдуваат изнесените ставови. Воедно, во мојот одговор поднесов и линк од веб-сајтот на подносителот на претставката, Субверзивен фронт, каде самите тие велат дека „транссексуалните личности се луѓе кои патат од она што во медицината се нарекува родова дисфорија“ и дека тоа е „медицинска состојба“.

Иако во самата емисија јас бев доста јасен и концизен дека Црквата го љуби секој човек, без разлика колку и да е грешен, и дека на секој што страда треба да му се помогне, и иако во одговорот образложив дека насилство може да се смета тоа што подносителот на претставката сака да го смени природниот ред и општоприфатениот установен начин на однесување со тоа што сакаат да прифатиме дека маж може да стане жена и да се натпреварува во сите општествени сфери со жените, Комисијата реши дека јас сум ги повредил чувствата на, како што вели Ирена Цветковиќ, помалку од 100 трансродови лица, и тие се чувствувале многу вознемирени. Колку вознемирени биле и како ја оцениле вознемиреноста, тоа не знаеме.

По некои недефинирани правила, Комисијата решила на оваа претставка да припои уште една претставка, овојпат од Коалиција Маргини, која е доставена до Комисијата месец дена после првата, притоа без воопшто да ме известат за истата и без да ми дадат легитимно законско право да одговорам.

Внимавајте, ми испраќаат претставка за искажани ставови по однос на родот и родовиот иденетитет, нешто што не постои во нашите закони, кое не е ниту дефинирано ниту правно признато. И не само тоа, туку и наведуваат дека сум дел од некаква мобилизација против родовата еднаквост и ЛГБТИ правата која е финансирана од САД, дека мене некој ме плаќа за да си го љубам народот и децата. Патем, тие обвинуваат, а докази, се разбира немаат доставено зашто не постојат. Наведуваат дека родовата дисфорија е депатологизирана и ставена во „состојби поврзани со сексуалното здравје“, а намерно изоставаат да кажат дека депатологизација не може да се изврши кога сè уште стои во класификација за болести и сродни здравствени проблеми и самиот збор „состојба“ на англиски значи – здравствен проблем.

Сите овие документи ќе бидат јавно објавени, за да видите со какви лаги, манипулации, извртувања и малициозност се служат, само за да ги заплашат, да ги уценат и да ги замолчат оние со здрав разум, кои имаат свои ставови. Произволни толкувања на членови, поддршка на педофилија, омаловажување на жените, цензура на слободниот говор... тоа е она што може да се забележи дека Комисијата поддржува.

Ова е правна шарада која е недозволива, но сега е озаконета со законот за недискриминација кој ги дава првите плодови на злото што се подготвува за сите нас. Оваа тоталитаристичка

одлука е во духот токму на оној Секретаријат што се планира со предлог-Законот за родова еднаквост, за кој цело време предупредувам, а кој ќе биде со далеку поголеми ингеренции од оние на оваа ситна и мала Комисија. Тој Секретаријат ќе ја има улогата и на тужител и на судија и на казнен извршител, така што може да замислите каква правда ќе се дели дури тогаш – исто тело ве обвинува, ви пресудува и ве казнува. Тогаш и „1000 стапа“ ќе бидат малку за жртвата што ќе падне во рацете на Секретаријатот.

Во Законот за заштита од дискриминација има член кој товарот на докажување го префрла на тужениот. Ова е таа „демократска придобивка“, каде пресумпцијата за невиност е згазена и избришана со единствена цел сите да се држат во постојан страв од поднесување на претставки и замолчување на секој оној што ќе се осуди да каже нешто што нема да им се допадне на членовите на Комисијата. Сосема истиот член се предлага и во Законот за родова еднаквост!

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на крајот ми ПРЕПОРАЧУВА дека во рок од 30 дена треба да се извинам за стореното „злосторство“ и ми наметнува казна, повторно во форма на дискриминирачка препорака, да се воздржувам од јавни настапи во кои ќе говорам за родовиот идентиет, што тука ги вклучува и моите јавни настапи на прес конференции и гостувања во ТВ емисии токму во овие денови пред протестот. Во спротивно, оваа т.н. Комисија за спречување и заштита од дискриминација ми се заканува со покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд. Јас би сакал топло да ѝ се заблагодарам на Комисијата за трудот да состават вакво капитално дело, прво од ваков вид упатено кон владика кој не ги застапува нивните родово-идеолошки ставови. Исто така, голема благодарност и за препораките да замолчам и да се извнинам... но, и јас им испраќам топол поздрав од мене и ги известувам дека нивните препораки не се прифаќаат, и дека сум подготвен да бидам суден, но и на многу повеќе, за тоа што сум ја говорел и исповедал Вистината.

Се гледаме на протест во четврток!

 

Викарен Епископ Стобиски г.Јаков

Струмица, 26.06.2023 година

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан