• вторник, 12 ноември 2024

Одвоени милион денари за заштита на архитектурата и ѕидното сликарство на манастирот Матејче

Одвоени милион денари за заштита на архитектурата и ѕидното сликарство на манастирот Матејче
Куманово, 4 март 2021 (МИА) - Во рамки на Годишната програма за финансирање на проекти од областа на заштитата на недвижното наследство за 2021 година, на надлежната установа Национален конзерваторски центар одобрен е проект за заштитни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата во Матејче во износ од 1.000.000 денари.
Како што соопштија од Министерството за култура, интервенциите ќе ги спроведува НУ Национален конзерваторски центар, и е предвидено расчистување, отстранување на вегетацијата и оспособување на функцијата на постојниот дренажен канал, санирање на оштетувањата на подот, замена на подните плочи во црквата, интервенции на ѕидното сликарство и обивање на оштетениот конзерваторски малтер на површините без живопис во зоната на цоклето во внатрешноста на црквата.
Во рамки на заштитните интервенции ќе прицврстат и опшиваат загрозените делови од живописот одделени од носачот, ѕидот, како и одредени мерки кај камбанаријата: монтирање на влезната врата и санација на оштетениот дел од покривот.
Согласно предвидената динамика за реализација на годишната програма, надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар предвидува работите да започнат во месец јуни оваа година.
Во текот на 2020 година на барање на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар беа одобрени 300.000 денари за реализација на ургентни превентивни интервенции на црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот Матејче.
Интервенциите беа спроведени во првата половина на месец ноември и опфатија корективни мерки на сите оштетени и одвоени елементи од кровниот покривач од црквата и третман на споевите со ѕидните површини, како и затворање на оштетените стакла кај транзените на црквата.
Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Сместен е на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, манастирот ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале.
Кумановци со голем интерес ја следат секоја најава на надлежните институции за заштита на манастирот во Матејче. 
Активисти од градот, со години алармираа за исклучително лошата состојба на манастирот која се влошуваше секоја година, по воениот конфликт 2001. Претходно, комплексот во кој имаше и детско одмаралиште сместено во прекрасната природа во општина Липково, беше омилено место за рекреација на учениците и граѓаните од Куманово.ам/бт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан