• понеделник, 23 декември 2024

Одбраната во „Меѓународен сојуз“ побара укинување на првостепената пресуда, обвинителот бара да се отфрлат жалбите

Одбраната во „Меѓународен сојуз“ побара укинување на првостепената пресуда, обвинителот бара да се отфрлат жалбите

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) – Одбраната на обвинетите во случајот „Меѓународен сојуз“ денеска во Апелациониот суд Скопје побара да се уважат нивните жалби со кои осудителната пресудата против Бојан Јовановски и останатите обвинети ја посочуваат како неоснована. Јавниот обвинител, од друга страна, побара дел од жалбите да се отфрлат како неосновани.

Според адвокатот, Сашко Дуковски, како што рече, и сѐ да е во ред со оваа пресуда, никој не може да гарантира дека судијата од првостепениот бил непристрасен.

- И сѐ да е во ред со оваа пресуда, не може да се занемари фактот што судијата кој побарал да биде изземен од судењето во првостепениот суд, бидејќи учествувал во Судечкиот совет во случајот „Рекет“, кој исто така се однесува на обвинетиот Бојан Јовановски, но не го изземале и продолжил да постапува по предметот, посочи Дуковски.

Според него, никој не може да гарантира дека овој судија не бил пристрасен.

Дуковски, адвокатот Владимир Туфегџиќ и обвинетиот Бојан Јовановски, во своите излагања пред Судот, укажаа на повеќе повредени права во текот на првостепената пресуда и неправилно толкување на докази, поради кои, сметаат дека истата треба да се укине.

Обвинетиот Бојан Јовановски во своето излагање побара фер и правично судење.

- Согласен сум со образложението на моите бранители. Единствено што барам е да имам можност за фер судење пред непристрасен суд каде што на фер начин ќе може да се докаже мојата невиност, рече тој.

Ослободителна пресуда побара и бранителот на обвинетата Јасна Херцеговиќ, Стеван Павлевски, според кој нема елементи за кривично дело измама.

- Бидејќи нема елементи за измама, нема елементи ниту за перење пари, посочи тој.

Јавен обвинител, Бурим Рустеми, на почетокот од своето излагање се осврна на коментарот на адвокатот Дуковски и посочи дека, според него, тоа не претставува повреда. 

- Ова не е повреда бидејќи не станува збор за поврзан кривично-правен настан, рече обвинителот.

Според него, сосема јасно е дека оштетените се оштетени во контекст на тоа дека тие се доведени во заблуда, и тоа, како што рече, воопшто не е спорно.

- Во овој кривично-правен настан има многу јасни кривични правни дејствија, посочи обвинителот.

Обвинителот Рустеми побара жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани, пресудата за обвинетата Фросина Ременски да се потврди, а жалбата на обвинетата Јасна Херцеговиќ да се уважи како основана во делот за кривичното дело измама.

- Ставот на обвинителството е дека постои кривичното дело измама како предикативно кривично дело, но, изведените докази не упатуваат дека сторител на истото е Јасна Херцеовиќ, рече обвинителот.

Судењето за „Меѓународен сојуз“ заврши на 7 април 2022 година. Судечкиот совет при Основниот Кривичен суд - Скопје определи вкупно 14 години затвор за обвинетите и тоа единствена казна затвор во траење од девет години на првообвинетиот Бојан Јовановски за „измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Обвинетата Јасна Ерцеговиќ, исто така, е прогласена виновна за „измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ со што судот на неа ѝ определи единствена казна затвор од четири години во која се смета и времето поминато во куќен притвор.

Судечкиот совет ги ослободи од обвинение за „измама“ обвинетите Фросина Ташевска Ременски и Христина Блажевска, додека Блажевска, се обвинува само за „перење пари и други приноси“ и се осудува на казна затвор во траење од една година.

Судот на обвинетиот Миле Јовановски за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ му утврдува единствена казна затвор од две години која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од пет години по правосилноста на пресудата не стори кривично дело.

Правното лице „Меѓународен сојуз“ судот го осуди со казна од еден милион денари.

Пресудата на Апелациониот суд ќе биде дополнително објавена. ар/ев/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан