• сабота, 23 ноември 2024

Одбиено барањето на одбраната за изземање на обвинителката Стефанова од случајот „Плацеви на Водно“

Одбиено барањето на одбраната за изземање на обвинителката Стефанова од случајот „Плацеви на Водно“
Скопје, 27 септември 2021 (МИА) - Барањето за изземање на јавниот обвинител Лиле Стефанова од случајот „Плацеви на Водно“ се одбива како неосновано. Ова е решението донесено од Основната јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, на барањето поднесено од одбраната на обвинетиот Јордан Камчев, се вели во писмениот допис од ОЈО до Судот. Според бранителот на Камчев, адвокатот Еленко Миланов, ова барање за изземање го поднеле врз основа на поднесена кривична пријава во однос на застапникот на обвинението. Пријавата се однесува на постоење на основано сомнение за кривично дело несовесно работење во службата како и поднесување лажни докази. По одбивањето на Барањето, денешно рочиште во Основниот кривичен суд - Скопје, продолжи со презентација на останатите докази од доказниот материјал на обвинителството. Случајот го води судијата Илија Трпков а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова. Според обвинението за овој случај, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“. ар/аа/

Остани поврзан