• сабота, 23 ноември 2024

Одбележување на Светскиот ден на животната средина со „зелени“ активности во Свети Николе и Тетово

Одбележување на Светскиот ден на животната средина со „зелени“ активности во Свети Николе и Тетово

Скопје, 5 јуни 2024 (МИА) - Со отворање на инсталацијата на ветерниот парк „Богословец“ во Свети Николе и Јуроп Хаус во Тетово денеска „TeamEurope“ ќе го одбележи Светскиот ден на животната средина, соопшти Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

„Богословец“ е втор ветерен парк во државава, по паркот „Богданци“ пуштен во употреба во 2015 година. Двата ветерни паркови се резултат на пристапот #TeamEurope кој придонесува за трансформација.

На локалитетот „Богословец“ се инсталирани осум ветерни турбини, кои ќе имаат вкупна моќност од 36 MW. И двата парка, како што се наведува во соопштението, во голема мера придонесуваат за зелената праведна транзиција на Северна Македонија чија цел е да го подигне националниот капацитет за обновливи извори над 50 отсто до 2024 година, што значи дополнителни 400 MW и 160 MW соларна и ветерна енергија.

На отворањето на ветерниот парк најавено е присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир.

Амбасадорот Гир потоа ќе го посети Тетово каде ќе присуствува на официјалното отворање на Јуроп Хаус. Тој прво ќе предаде мобилна библиотека финансирана од ЕУ од проектот „Регионална мрежа за културна разновидност – РИД)“ на организацијата ЛОЈА од Тетово. Проектот се спроведувал во рамки на Програмата за граѓанско општество и медиуми 2018-2019 финансирана од ЕУ од 2020 година за поддршка на помирувањето и добрососедските односи.

Првата активност на Јуроп Хаус Тетово ќе биде дебата „Тетово за нова, позелена генерација“ со студенти од Универзитетот на Југоисточна Европа. Дебатата по повод Светскиот ден на животната средина ќе ја води активистката Елмедина Абдулахи, номинирана за Европска жена на годината за 2024 година.

Програмата, како што е наведено во соопштението, ќе биде заокружена со концерт на уметницата, музичар и вокалист Зарина Првасевда и нејзиниот ансамбл, кој ќе биде отворен за јавноста. дма/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан