• петок, 05 декември 2025

Одбележани 50 години паралелки со посебни потреби во склоп на училиштето „Страшо Пинџур" во Кавадарци

Одбележани 50 години паралелки со посебни потреби во склоп на училиштето „Страшо Пинџур

Кавадарци, 3 декември 2025 (МИА) - Педесет години паралелки со посебни потреби, во рамките на училиштето „Страшо Пинџур" во Кавадарци беа одбележани вечерва во Домот на културата „Иван Мазов - Климе". Со пригодни говори и културно - уметничка програма, беше одбележан и денешниот меѓународен ден на лицата со попреченост. 

- Сите сме дел од едно прекрасно патување низ времето, патување исполнето со љубов, трпение и човечност. Славиме 50  години од моментот кога во нашето училиште беше отворена првата паралелка за ученици со посебни образовни потреби. Педесет години одлуки, срца и дела што покажаа дека вистинската сила на едно училиште не е во ѕидовите, туку во луѓето кои го носат со љубов, истакна директорката Илинка Бакева Тасева. 

Таа нагласи дека овие  паралелки не се само дел од наставниот процес, тие се срцето на ова училиште. 

- Тука секој ден се учиме на прифаќање, поддршка и разбирање. Тука децата не се делат по можности, туку се обединуваат по душа. Секоја насмевка, секој мал чекор, секој успех на нашите ученици е доказ дека кога се сака, нема пречка што не може да се надмине. Нашите наставници со огромна посветеност и љубов ја водат оваа мисија да им дадат на децата шанса да блеснат, секое на свој начин, рече директорката. 

Притоа упати благодарност до сите сегашни и поранешни наставници, стручни соработници, родители и ученици, кои, како што додаде,  заедно ја испишаа оваа педесетгодишна приказна исполнета со боја, топлина и човечност.

- Нашата заедничка порака денес е јасна. Различноста не дели, таа збогатува. Секое дете е боја во виножитото што ние го создадовме. А само заедно, во љубов и поддршка, тоа виножито свети најсилно. Да продолжиме и понатаму со истата вера, истата љубов и истата посветеност. Да градиме училиште што ќе биде дом на еднаквост, разбирање и пријателство, порача Бакева Тасева. 

Гордост што е дел од ова училиште, цели 32 години, изрази наставникот, дефектолог,  Зоран Велков. Тој рече дека континуирано работат со децата, првенствено, да бидат добри луѓе, дел од заедницата. Патем појасни дека порано биле именувани како посебни паралелки, сега како Центар за поддршка на учењето на деца со посебни потреби. 

-Помагаме, секој од нашите ученици да го постигне својот личен максимум. Тоа ни е основната задача,  истакна Велков. свд/фф/

Фото: МИА 

Остани поврзан