• петок, 05 декември 2025

Одбележани 22 години од „Македон“ – првиот роман во историјата на Делчево

Одбележани 22 години од „Македон“ – првиот роман во историјата на Делчево

Делчево, 26 ноември 2025 (МИА) - Во организација на Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево, во соработка со Национална установа центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ и Средното општинско училиште „Методи Митевски – Брицо“, денеска беа одбележани 22 години од објавувањето на романот „Македон“, прв роман во историјата на Делчево, дело на роднокрајниот автор Славчо Десподов.

Настанот, кој се одржа пред учениците од четврта година од делчевската гимназија и професорката по македонски јазик, Милена Глинџарска, беше можност младите да се запознаат со патот на создавањето на романот, неговите пораки и инспирацијата која стоела зад ова значајно литературно остварување. 

-„Македон“ претставува спој на историјата, идентитетот и човечката драма, создавајќи силно и емотивно раскажување кое остави белег во современата македонска книжевност, истакна авторот Десподов.

Директорите на ЈЛБ „Илинден“ Билјана Петровска и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ Златко Начовски преку овој настан ја нагласија важноста на домашната литература и улогата што ја имаат локалните автори во градењето на културниот идентитет. Средбата со Десподов, како што истакнаа организаторите, претставува поттик за младите генерации да читаат, создаваат и да ја негуваат врската со својот крај.

Славчо Десподов е роден во 1951 година во селото Ѕвегор. Основното и средното образование ги завршил во Делчево, а студиите по национална историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел како професор во гимназија и бил директор на Домот на културата „Никола Јонков Вапцаров“. Романот „Македон“, објавен во 1993 година, е негово прво прозно дело. Како раководител на драмскиот аматеризам има реализирано 16 драмски проекти, а зад себе има и организирање на повеќе ликовни и вајарски колонии.

Со денешниот настан Делчево уште еднаш го слави својот автор и неговиот придонес кон локалната и националната културна ризница. вс/мд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан