• вторник, 24 декември 2024

Одбележана 21 година од загинувањето на бранителите кај Љуботенски Бачила

Одбележана 21 година од загинувањето на бранителите кај Љуботенски Бачила
Скопје, 10 август 2022 (МИА) - Во Општина Ѓорче Петров денеска на три локаци беше одбележана 21 година од загинувањето на бранителите кај Љуботенски Бачила. Бројни делегации, членови на семејствата, претставници на политички партии и на здруженија оддадоа почит на централната манифестација, што се одржа кај Споменикот на бранителите во Волково. Цвеќе беше положено и на спомен-чешмата на Томислав Настевски-Бумбар и на Споменикот на бранителите во реонскиот парк. Како што информираа од Општина Ѓорче Петров, пред присутните се обратил градоначалникот Александар Стојкоски. Тој истакнал дека Раде Јанковски, Ивица Златевски, Томе Димовски, Томислав Настевски и Ацо Ангеловски, кој е загинат во јануари 2000 година, но на кој му се оддава почит денеска заедно со останатите се јунаци со кои, како што рече, Ѓорче Петров се гордее. -Овој споменик е наша гордост. Паднатите херои чие дело го чествуваме денеска го претставуваат ликот на македонската нација која има долга историја на патриотизам, пожртвуваност и чест. Ова е нација која се бореше во многу битки за да ја задржи земјата слободна и ослободена од закани, рекол Стојкоски. Само на овој начин, како што нагласил, ќе ја сочуваме традицијата и ќе ги сокриеме спомените од заборав. -Немам доволно зборови за да ја искажам почитта кон бранителите. Горд сум што овие наши храбри сограѓани ќе останат засекогаш врежани во македонската историја. Ние Македонците сме симбол за непокор. Оваа земја помина и надмина илјадници тешки и трагични премрежиња, страдни времиња. Но, оваа земја даде и големи јунаци. Нека им е вечна слава на храбрите бранители, додал Стојкоски. На 10 август 2001 година кај месноста Љуботенски Бачила од нагазна мина поставена на патот животот го загубија Томе Бадаровски, Марјанчо Бошковски, Томе Димовски, Ивица Златевски, Бранко Јанев, Раде Јанковски, Томислав Настевски и Гоце Чанкуловски. мд/цр

Остани поврзан