• вторник, 24 декември 2024

„Огнената група“ објави листа на разрешени функционери

„Огнената група“ објави листа на разрешени функционери

Скопје, 25 март 2023 (МИА) -  Во пресрет на денешната седница на Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на која се очекува да се расправа за „Фронтот за Европа“, т.н „Огнена група“  од партијата објави листа на разрешени функционери, обвинувајќи дека „првиот вицепремиер Артан Груби ги разрешува лицата кои мислат поинаку во ДУИ“.

-Возот на Артан Груби и директната закана за политичка елиминација на сите што мислат поинаку во ДУИ, беше изведен на најбрутален можен начин, како што преку ноќ во монистичкиот систем беа разрешени „неподобните“. Разликата е во тоа што овие разрешувања, иницирани од гневот на Артан Груби, беа предупредувани од неговите мегафони, клеветнички портали, корумпирани со парите на граѓаните кои никогаш не гласале за Груби. Заменик министерот за одбрана, Башким Хасани, кадар-модел на ДУИ кој донесе низа победи на Гостивар, после поразите на кампањата на СРМН на Артан Груби. Овој човек е разрешен без никаква забелешка за неговото работење. Ресми Ејупи, Аднан Ејуп, многу директори на клиники, како Алајдин Мемеди, Бесим Кока, Азиз Максути, Ќамил Ковачи, потоа Фикри Алити, Миѓен Селмани, Нехат Нухиу, Ајрула Мустафа и други, беа разрешени само затоа што мислеа поинаку, без никаква причина или евентуален пропуст во нивните должности, се вели во соопштението од „Огнената група“.

Сите тие, како што посочуваат, имаа една цел - демократизација на ДУИ и создавање амбиент за соочување на идеите, а не создавање поделеност меѓу сопартијците, како што направи Груби, за да ја спаси својата незаслужена фотеља.

-Овие луѓе што ги гледате на фотографијата никогаш не кажале лош збор за Али Ахмети, ниту пак сега кажуваат, но ѓаволноста на Артан Груби и злоупотребата на медиумите под негова контрола, успеа да ги упати сите обвинувања кои беа против него, за апсолутни неуспеси во секоја област, да ги адресира како обвинувања кон Али Ахмети, со образложение дека овие критики не се против него туку против Ахмети. Сите разрешени, а и оние кои не може Артан Груби да ги разреши, предупредија дека овој човек има за цел да ја уништи ДУИ одвнатре, работи за своите луди амбиции, на штета на сите процеси кон албанската заедница во Македонија и во регионот. Артан Груби ги избрка овие на фотографијата, но каде ќе оди Артан Груби кога албанскиот гласач него ќе го разреши?, се посочува во соопштението.

Група истакнати членови на ДУИ, кои беа наречени „Огнена група“, кон крајот на септември објавија отворено писмо во кое обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување станало индивидуално. Во писмото, потпишано од 20-тина членови на ДУИ, меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети, Мерита Коџаџику, се бараше внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и беше упатен повик до лидерот на партијата Ахмети „да го искористи својот политички и  статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство“.

- Во ДУИ речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски органи. Како последица на ова, политичкото одлучување стана индивидуална сопственост. Нема дебата и консултација со партиските бази. Кадровските избори се претворија во привилегија на поединецот Артан Груби, се наведуваше меѓу другото во писмото. Потписниците посочуваа дека „арогантното однесување на извршната власт“ на чело со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, предизвикало „незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“.

По ова на почетокот на октомври се одржа средба на „огнените“ со раководството на ДУИ, на која беше договорено на 15 октомври да се избере новото партиско раководство. На овој собир одржан во Тетово, за потпретседатели на партијата беа избрани Изет Меџити, Арбер Адеми, Бајрам Реџепи и Арбана Пашоли. Фатон Ахмети беше избран за генерален секретар на ДУИ, Блерим Беџети за организациски секретар, а Саранда Имери за секретар за еднакви можности. За членови на Централниот совет беа избрани Али Ахмети, Рамиз Мерко, Јетон Шаќири, Фатмир Дехари, Крешник Бектеши, Талат Џафери, Невзат Бејта, Валдет Џафери, Теута Арифи, Џеват Адеми, Артан Груби, Бујар Османи, Висар Ганиу, Назим Буши, Ејуп Халими, Ариан Даци, Бесник Емшиу, Мирсад Ибраими, Ардита Дани, Билент Сали, Реси Абдурахмани, Шергил Беќири, Шабан Мемети, Артин Спахиу и Емир Сулејмани.

Меѓутоа, и покрај вклучувањето на припадници на т.н. Огнена група во највисокото раководство на ДУИ, нејзините членови продолжија со активности на терен, одржувајќи средби со партиските членови и гласачите низ земјава, на кои ги презентираат своите заложби за промени во партијата.

Судирот во ДУИ се заостри откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за „огнените“ е нестатутарен, бидејќи Изет Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Тие ваквата одлука ја толкуваат како партиска елиминација на „огнените“ и најава дека очекуваат слични чекори и кон другите „непослушни координатори“. фф/лв/

Фото: ДУИ („Огнена група“)

Остани поврзан