• сабота, 07 март 2026

Објавен 23. Меѓународен конкурс за стрип

Објавен 23. Меѓународен конкурс за стрип

Велес, 6 март 2026 (МИА) - Стрип центарот на Македонија од Велес го објави традиционалниот меѓународен конкурс за стрип, во рамки на подготовките за 23. Меѓународен стрип салон „Велес 2026“. Право на учество имаат автори од целиот свет, без разлика на полот и возраста, а рокот за испраќање на трудовите е до 1 август годинава.

Како што информира Томе Трајков од Стрип центарот на Македонија – Велес, темата на стрипот е слободна, додека учениците од основно и средно образование треба да се консултираат со своите училишта околу евентуалната тематика.

Секој автор може да учествува со еден стрип, без разлика дали е во улога на цртач, туш или колорист. Исклучок има за сценаристите, на кои им е дозволено да напишат сценарио за повеќе стрипови. На еден стрип можат да работат и повеќе автори, при што треба да биде наведено кој е автор на сценариото, цртежот и другите сегменти.

Заедно со стрипот потребно е да се испрати и кратка биографија со име и презиме, фотографија, датум на раѓање, адреса и држава, е-маил адреса, како и годината кога е создаден стрипот. Стриповите од македонски автори ќе имаат предност при оценувањето доколку се на македонски јазик и на кирилско писмо.

Стриповите треба да бидат од една до шест табли во формат А4, со минимална резолуција од 300 дпи доколку се испраќаат по електронски пат. Ако стрипот е на една страна, треба да содржи најмалку три кадри.

Пристигнатите стрипови ќе ги разгледа тричлена комисија која ќе ги избере добитниците на наградите: прва награда „Златен стрип“ во износ од 300 евра, втора награда „Сребрен стрип“, трета награда „Бронзен стрип“, како и награди за најдобро сценарио, најдобар млад автор до 18 години и други специјални признанија.

Стриповите може да се испратат по пошта на адресата на Стрип центарот на Македонија – Велес, ул. „Васил Ѓоргов“ бр.78, 1400 Велес, или по електронски пат на е-маил: stripkonkurs@gmail.com.

Конкурсот е дел од активностите на 23. Меѓународен стрип салон „Велес 2026“, кој се реализира со поддршка од Министерството за култура и Општина Велес. ад/дма/

Фото: Лого на СЦМ-Велес

 

Остани поврзан