Објавен јавен повик за финансиска поддршка на културниот проект „Центарски приказни“ во Општина Центар
- СООПШТЕНИЕ - Општина Центар, денеска објави Јавен повик за финансиска поддршка на културниот проект „Центарски приказни“, кој има за цел да ги зачува колективните спомени и духот на центарските маала преку поставување урбани топоними – ознаки на значајни места со кратки приказни за нивното значење.
Скопје, 23 мај 2025
Општина Центар, денеска објави Јавен повик за финансиска поддршка на културниот проект „Центарски приказни“, кој има за цел да ги зачува колективните спомени и духот на центарските маала преку поставување урбани топоними – ознаки на значајни места со кратки приказни за нивното значење.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека преку визуелна интерпретација и поставување на симболични обележја, проектот ќе придонесе за зачувување на урбаното наследство и културниот идентитет на општината.
„Право на учество имаат здруженија, организации и правни субјекти од областа на културата со седиште во Општина Центар, а вкупниот фонд за поддршка на проектот изнесува 200.000 денари. Со проектот ‘Центарски приказни’ сакаме да создадеме мапа на сеќавања, каде што урбаните маала и нивните приказни ќе оживеат преку уметност и културна меморија. Овие микролокации се дел од нашето секојдневие, но и од нашата историја. Време е да ги вреднуваме и раскажуваме на генерациите што доаѓаат“, вели Герасимовски.
За пријавување, заинтересираните субјекти треба да поднесат пополнета пријава со краток опис на проектот, портфолио на организацијата, биографии на сите вклучени изведувачи, како и референтна листа на досегашни проекти. Дополнително, потребно е да се достави финансиска конструкција за потребните средства за реализација, доказ за активна трансакциска сметка и важечко Решение за регистрација или тековна состојба од Централниот регистар на Република Северна Македонија, не постаро од шест месеци.
Целокупната документација може да се достави преку пошта на адреса: Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности / Одделение за култура, ул. „Михаил Цоков“ бр.1, 1000 Скопје или лично во Архивата на Општината (барака 6) секој работен ден од 9 до 15 часот. При поднесувањето потребно е да се наведе: „Јавен повик за финансиска поддршка за реализација на проектот ‘Центарски приказни’“.
Рокот за пријавување е пет (5) дена од денот на објавување на повикот на веб-страницата на Општина Центар: https://www.centar.gov.mk/?p=25385
Со почит,
Општина Центар
Фото: Општина Центар
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.