• вторник, 24 декември 2024

Објавен визуелниот идентитет на 10. издание на „BookStar“

Објавен визуелниот идентитет на 10. издание на „BookStar“

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Фестивалот на европската литература „BookStar“ 2024 денеска го објави визуелниот идентитет на своето 10-то издание, што годинава ќе се одржи од 30 септември до 3 октомври на повеќе локации во Скопје. Фестивалскиот слоган, кој секоја година креативно предизвикува на ангажман и размислување, е „Преобразба“ (The Metamorphosis), и е инспириран од делата на Франц Кафка.

– Во годината кога се навршуваат сто години од смртта на еден од најголемите автори на XX век и автор чие творештво претставува вечна инспирација за реосмислување на литературата и на човековото битие, решивме да ја вклучиме Македонија кон светскиот тренд на одбележување на оваа значајна годишнина. Особено, бидејќи и за нас 2024 е многу важна година – „BookStar“ полни десет, а „Антолог“, како организатор на Фестивалот и издавач на делата на Франц Кафка, 25 години од основањето под слоганот „25 години Антолог е класика“. Затоа, и на „BookStar“ ќе се одбележат дела кои се доволно моќни да го претворат неможното во можно, дела кои ќе го дофатат незамисливото и се напишани од автори кои лично ја доживеале метаморфозата, соопштија претставници на организаторот.

Инаку, од денеска на локацијата „www.bookstar.mk“ е активен новиот веб-сајт на Фестивалот, каде што следбениците на литературата ќе можат на македонски и на англиски јазик да ги најдат сите податоци за минатите изданија на Фестивалот „BookStar“, но и вестите за тековните и идни случувања.

На веб-локацијата на „BookStar“ од денеска е отворен и јавниот повик за второто издание на фелоушип-програмата „Објавувајќи ја Европа“, чија главна цел е да се поканат професионалците од книжевниот сектор да ја посетат нашата држава и да ги запознаат одблизу македонските и европските колеги и автори.

Во склоп на фестивалот е предвидено да се случат средби на меѓународни претставници на издавачки куќи, агенти, директори на фестивали, писатели и преведувачи, со цел да се зајакне секторот и да се отворат можности за размена на книжевни дела меѓу различни делови на Европа. Повикот е отворен до 10 јули. 

Како што соопштија организаторите, годинава фестивалскиот плакат е дело на дизајнерката Маја Плачкоска, а како и во текот на минатите, така и оваа година „BookStar“ ќе ја надгради соработката со сите чинители за подигнување на свесноста околу селекцијата на отпадот, но и активно учество на публиката во процесот на селекција, а исто така ќе ја продолжи својата мисија како прв книжевен фестивал кој понуди превод на дел од настаните на знаковен јазик, со цел да биде манифестација од инклузивен карактер.

Исто така, од фестивалот потсетуваат дека годинава на „BookStar“ ќе биде повторно доделена и наградата за најдобар превод „Драги“, во две категории, основана во чест на зачувување на ликот и делото на проф. д-р Драги Михајловски и со цел да се направи вреднување на преведувачката продукција, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.

-За наградата може да се учествува со книги објавени во периодот меѓу 1 јули 2023 година и 30 јуни оваа година, а рокот за достава на делата е до 1 јули оваа година. Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од преведувачи, писатели и книжевни критичари. Наградата за најдобар превод на македонски јазик се состои од плакета и статуетка „Драги“, како и од паричен дел кој изнесува 30 000 денари, соопштија од фестивалот.

Меѓународната награда „Драги“ се доделува на најзначаен превод на дело на македонски автор на странски јазик и се состои од плакета и статуетка „Драги“, како и можност за странскиот преведувач да биде дел од второто издание на фелоушип-програмата „Објавувајќи ја Европа“.бт/дма/

Фото: плакат

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан