• понеделник, 23 декември 2024

Објавено менито за „Оскарите“, како и „утешните“ награди од по 126.000 долари

Објавено менито за „Оскарите“, како и „утешните“ награди од по 126.000 долари

Лос Анџелес, 10 март 2023 (МИА) - Oд доделувањето на „Оскарите“, се чини, и номинираните кои нема да добијат статуетка - ќе си одат дома со полни раце, бидејќи за сите е подготвен луксузен пакет „утешни награди“. Имено, компанијата „Дистинктив сетс“ на секого од номинираните годинава ќе им даде цел список подароци во вредност од 126.000 долари.

Пакетот вклучува јапонски млечни колачи, свилени навлаки за перници, рачно набрани урми... А, има и необични подароци како - парче земја од Австралија, три ноќи во рурална Отава, ноќевања на италијански вулкански остров, консултација со лекар за третман на коса, липосукција, консултации и третмани со ботокс, облека, велнес производи... Во пакетот има вкупно 60 понуди, а можните добитници не се обврзани да ги примат, искористат или промовираат добиените производи.

Треба да се напомне и дека разни компании плаќаат по четири илјади долари за нивниот производ да биде меѓу пакетот подароци.

Инаку, се знае и што ќе има на менито на официјалната прием-забава по главната свеченост. Одговорен за тоа е британскиот готвач Елиот Гровер, препорачан и одбран од долгогодишниот готвач на „Оскарите“ - Волфганг Пак. Ќе бидат понудени традиционални англиски јадења, како што се риба и чипс, пити со пилешко, мали колачи... И, за разлика од некои претходни „Оскар“-менија, ова ќе биде нешто „помесно, помасно и покалорично“.

Инаку, 95-то доделување на „Оскарите“ ќе се одржи во Лос Анџелес во „Долби театарот“ ноќта меѓу 12. и 13 март. Водител на емисијата ќе биде комичарот Џими Кимел. Меѓу најголемите фаворити, според последните предвидувања се филмовите „Сѐ во исто време“ (има 11 номинации), „На Запад ништо ново“ (девет номинации), „Елвис“ (осум номинации).  си/

Остани поврзан