• сабота, 23 ноември 2024

Објавено второ издание на „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски

Објавено второ издание на „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски
Скопје, 26 ноември 2022 (МИА) – Издавачката куќа „Полица“ го објави второ издание на првата книга за есеистиката на Горан Стефановски – „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски. Второто издание на „Идентитетот е приказна“ се случува по само месец и половина од објавувањето на првото издание по повод 70 години од раѓањето на Горан Стефановски. - Еве, конечно, едно не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на Горановата есеистика. Имено, таа методолошка „десетка во целта“ лежи во сфаќањето на Иван Антоновски дека „есејот на Горан Стефановски може да биде метажанр“ во однос на неговите пиеси. Антоновски беспрекорно ја покажува семио-осмозата меѓу драмите и есеите на Стефановски. Неговата студија е методолошки чиста, инвентивна, јасна и дескриптивно-остензивна. Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – Горан Стефановски, истакна универзитетскиот професор, книжевен критичар и писател, Венко Андоновски, при објавувањето на првото издание на „Идентитетот е приказна“. Според универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, оваа книга е исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура. - Студиозна и високо книжевно-критичка анализа, која низ еден извонреден дијалог со есеите на Стефановски дава одличен импулс во книжевно-теориските истражувања на некои актуелни и нови теми и проблеми на македонското творештво. Горан Стефановски не можел да најде подобар соговорник од Иван Антоновски. Верувам дека оваа книга ќе поттикне и нови согледби и ќе отвори низа прашања кои може да станат појдовни точки за некои натамошни, нови истражувања, посочува Мојсова - Чепишевска. Универзитетската професорка и книжевна критичарка, Марија Ѓорѓиева-Димова, истакнува дека „Идентитетот е приказна“ не е само книга во којашто се толкува есеистичкиот корпус на еден исклучителен и автентичен интелектуалец. - Ова е и книжевно-научна студија во вистинската смисла на зборот која проникливо, аналитично, аргументирано, но и полемички ги нотира актуелните состојби во книжевната наука, вклучително и македонската, давајќи конкретни предлози за понатамошни истражувања и во однос на есејот, вклучително и македонскиот, и во однос на есеистичкиот опус на Горан Стефановски, оценува Ѓорѓиева - Димова. И второто издание на „Идентитетот е приказна“ е објавено во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, и во него, покрај научната студија на Иван Антоновски, објавен е и последниот, тестаментален есеј на Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“. Антоновски е млад, кој зад себе веќе има неколку публикации, а од крајот на 2021 година е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Второто издание на „Идентитетот е приказна“ веќе е достапно во книжарницата на „Полица“ во Скопје и во други поголеми книжарници.свс/дма/  

Остани поврзан