• среда, 24 јули 2024

Објавени јавните повици за финансирање спортски здруженија, клубови и граѓански здруженија во Делчево

Објавени јавните повици за финансирање спортски здруженија, клубови и граѓански здруженија во Делчево
Делчево, 15 февруари 2021 (МИА) - Општина Делчево денеска ги објави двата јавни повици за доделување финансиска помош во категориите спорт и граѓански сектор. Годинава од општинскиот буџет како што информираа од Општината, се предвидени вкупно 1,2 милиони денари, кои ќе бидат трансферирани до спортските здруженија, клубови и граѓанските организации.
-Од овие средства, 800 илјади денари се наменети за спортските здруженија, клубови, правни лица, додека 400 илјади денари ќе се распределат на граѓанските здруженија. Согласно со правилникот за условите, начинот и постапката за доделување финансиска помош на спортски клубови, спортски здруженија, правни лица во областа на спортот и здруженија на граѓани, право на учество на повикот имаа сите граѓански здруженија кои се регистрирани на подрачјето на Општина Делчево, а приоритетни области и цели за финансирање проектни и програмски активности се локалниот економски развој, техниката, образованиет, културата, уметноста, социјалната заштита и  заштитата на животната средина, истакнаа од Општина Делчево.
Предност, како што додадоа ќе имаат настани кои се спроведуваат на територијата на Општина Делчево, а право на учество имаат сите здруженија на граѓани кои се регистрирани во согласност со законот за здруженија и фондации, најмалку 2 години пред објавувањето на повикот.
-Исто така, право на учество имаат сите спортски клубови и спортски здруженија кои ги исполнуваат условите: да се регистрирани во согласност со закон, односно да поседуваат решение за регистрација, да дејствуваат на територија на Општина Делчево, спортските клубови во рамките на основните училишта и средното училиште на територија на Општина Делчево, како и правни лица кои ќе организираат спортски манифестации на територијата на Општина Делчево, а кои придонесуваат за развојот на спортот на локално ниво, додадоа од Општината.
Пријавата заедно со документација заинтересираните треба се достави до архивата на Општина Делчево, по пошта или во електронска форма.
Рокот за пријавување е 15 дена, односно од 15.02.2021 до 01.03.2021 година. вс/свс/

Остани поврзан