• недела, 21 јули 2024

Објавени резултати од конкурсите за неколку категории стипендии за средношколци од стручните училишта

Објавени резултати од конкурсите за неколку категории стипендии за средношколци од стручните училишта
Скопје, 16 декември 2020 (МИА) - Министерството за образование и наука информира дека се објавени резултатите од повторните конкурси за доделување на неколку категории на стипендии за ученици од средните стручни училишта, кои беа воведени првпат во оваа учебна 2020/2021 година, како дел од планот за проширување на поддршката кон средношколците и за поголема популаризација на средното стручно образование. - Станува збор за стипендии за ученици кои реализираат наставни програми од градежно-геодетска струка, машинска, земјоделско-ветеринарна, текстилно-кожарска, угостителско-туристичка и електротехничка струка. Во сите категории беа предвидени да се доделат по девет стипендии, со исклучок на стипендиите за електротехничка струка каде што поради големиот интерес првично предвидениот број од девет стипендии се зголеми на вкупно 23, соопшти МОН. Средношколците кои стекнале право на користење ученичка стипендија треба да испечатат и пополнат три примероци од договорот за соодветната стипендија (договорите се објавени заедно со резултатите од конкурсите) и заедно со копија од лична трансакциска сметка, најдоцна до 22 декември.2020 да ги достават до Министерството за образование и наука (во писарницата на МОН или по пошта – препорачана пратка со повратница на адреса бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје). Прием на документите ќе се врши и во сабота 19 декември 2020. Одбиените кандидати, пак, ќе имаат можност за приговор во соодветен рок, откако на адресата која ја имаат посочено при аплицирањето ќе добијат решение од МОН во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена. За дополнителни информации и поддршка, контактите на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, како и на сите останати вработени во МОН се објавени на овој линк, а официјалната електронска адреса на министерството е contact@mon.gov.mk, наведува МОН. хс/скс/

Остани поврзан