Објавени нови книги од Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски
- Две нови книжевно-теориски изданија се објавени во едицијата „Перископ“ на издавачката куќа „Бегемот“. Се работи за теориско-есеистичката книга „Свет зад светот“ на професорката Лидија Капушевска-Дракулевска и есеистичката книга „Песнапат“ од професорот Владимир Мартиновски.
Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) -Две нови книжевно-теориски изданија се објавени во едицијата „Перископ“ на издавачката куќа „Бегемот“. Се работи за теориско-есеистичката книга „Свет зад светот“ на професорката Лидија Капушевска-Дракулевска и есеистичката книга „Песнапат“ од професорот Владимир Мартиновски.
Како што информира „Бегемот“, книгата „Свет зад светот“ на Капушевска-Дракулевска е тематски врзана за македонската книжевност.
-Таа претставува надоврзување и надградување на клучните преокупации и интерпретативни стратегии на Капушевска-Дракулевска разработени во нејзиниот богат и разновиден есеистички опус. [...] Може да се рече дека есеистичката збирка „Свет зад светот“ има и еден историски и еден актуелен аспект: таа ја промовира поетиката на одделни авторски писма од македонската книжевност, покажувајќи го континуитетот и поетичкиот новум на нашата национална литература, како во еден конкретен историски, така и во еден современ културен контекст“. [...], смета академик Влада Урошевиќ.
Според научниот соработник Дарин Ангеловски, „Песнапат“ од професорот Владимир Мартиновски е „обид за осмислување на безобличната бескрајност на зададената тема и ја вообличува есеистичката книга „Песнапат“ како книжевно-компаративна, интеркултурна и имаголошка студија...“
Книгите се објавени со поддршка од Министерството за култура. мд/ац/
Фото: „Бегемот“