• понеделник, 26 август 2024

Објавени конкурсите за ученички и студентски стипендии во Делчево

Објавени конкурсите за ученички и студентски стипендии во Делчево
Делчево, 16 ноември 2022 (МИА) -  Објавени се конкурсите за ученички и студентски стипендии во Делчево, кои годинава Општина Делчево ќе ги додели на вкупно 28 ученици и студенти во две категории. Годинава Општина Делчево за учениците од Средното општинско училиште „Методи Митевски - Брицо" доделува 18 ученички стипендии во две категории.
-Стипендиите се за ученици од  II, III и IV година во учебната 2022/2023 година.
Во првата категорија се предвидени 10 ученички стипендии за одлични ученици со континуиран просечен одличен успех и ученици чии родители се невработени, со ниски месечни примања или приматели на социјална помош. Во втората категорија, предвидени се 8 стипендии на ученици од СОУ „М.М.Брицо“ Делчево кои постигнале особено висок успех во учењето, како и ученици кои во претходната учебна година освоиле најмалку една награда во поединечна категорија за освоено прво, второ или трето место на државни или регионални натпревари, информираа од Општината.
Стипендиите во висина од 1.000 односно 1.500 денари се неповратни и ќе се исплаќаат за период од девет месеци започнувајќи од јануари 2023 година. Годинава согласно објавениот конкурс ќе се доделуваат и 10 стипендии на студенти кои студираат на државните универзитети во Република Северна Македонија, во две категории.
-Во првата категорија, шест стипендии ќе добијат редовни студенти од сите студиски години, освен I (прва), со континуиран успех над 8,00 чии родители се невработени, со ниски месечни примања или приматели на социјална помош.  Во  втората категорија, 4 стипендии се предвидени за редовни студенти од сите студиски години, освен I (прва) кои постигнале особено висок успех во студирањето, редовни студенти од техничките науки и медицински науки, редовни студенти од опшествените науки и факултетите од уметностите, со континуиран успех од најмалку 9,00 и кои не повторувале во текот на студирањето, додадоа од Општината.
Конкурсот за доделување стипендии е објавен на општинската веб-страница, каде заинтересираните можат да добијат информации околу условите за аплицирање. Потребните документи можат да се доставуваа по пошта и во Архива на Општина Делчево секој ден од 7.30 до 15.30 ч. Конкурсот е отворен до 6 декември 2022. вс/сст/

Остани поврзан