• среда, 02 октомври 2024

Објавена книга со интервјуа по повод 30 години македонска Армија

Објавена книга со интервјуа по повод 30 години македонска Армија

Скопје, 22 јуни 2023 (МИА) -  „Студентски сервис“ од Скопје ја објави книгата „30 години македонска армија: Од работ на бездната до НАТО-армија низ етерот на Македонското радио – Радио Скопје“ на Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје, и на проф. д-р Трајан Гоцевски,  професор и поранешен декан на Филозофскиот факултет во Скопје, експерт од областа на одбраната и безбедноста, министер за одбрана во првата влада на независна и суверена Република Македонија.

Книгата содржи 11 радиоинтервјуа  реализирани во информативно-политичките програми „Актуелно” и „Радио спектар” во периодот март – август 2022 година, во рамките на серијалот со кој Македонското радио – Радио Скопје се приклучи кон одбележувањето на триесетгодишнината од формирањето на Армијата на Република Северна Македонија.

Во интервјуата детално и хронолошки се опишуваат условите во кои е формиран самостојниот македонски одбранбен систем и самиот процес на формирањето на неговата оружена компонента – Армијата на Република Македонија, што беше клучен фактор за конечното профункционирање на Република Македонија како независна држава, потоа десетте фази во развојот на македонската армија и предизвиците со кои беше соочена таа во изминатите три децении, како и нејзиното учество во меѓународните мировни мисии и процесот на нејзиното целосно интегрирање во структурите на НАТО-сојузот, односно добивањето статус на НАТО-армија.

-Книгата „30 години македонска армија: Од работ на бездната до НАТО-армија“, всушност, е своевидна исповед и сведоштво на еден од најодговорните луѓе на македонската одбрана во периодот на осамостојувањето на Република Македонија и на создавањето на самостојниот македонски одбранбен систем и, особено, на македонската армија, која беше формирана под негово непосредно раководство во сега веќе далечната 1992 година. Токму тоа на книгата ѝ дава уште поголема тежина, до толку повеќе што една продлабочена анализа на содржината на интервјуата покажува дека станува збор за своевидна хронолошка анализа на настаните, поткрепена со научна аргументација и документирана со оригинални сознанија за дел од настаните во кои еден од авторите бил учесник, а во најголем дел и креатор на процесите, наведува авторот Стаменов. 

Свето Стаменов и проф. д-р Трајан Гоцевски се автори и на тетралогијата „Македонски безбедносни лавиринти“ (I-IV книга) и на „Македонски безбедносни лавиринти“ (2015), „Армија на мирот“ (2017) и на двотомната книга „Македонија во НАТО“ (2020). хс/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан