• сабота, 23 ноември 2024

Објавена книгата за деца и млади „Диносаурус“ од Аевар Тор Бенедиктсон

Објавена книгата за деца и млади „Диносаурус“ од Аевар Тор Бенедиктсон

Скопје, 1 август 2023 (МИА) - Книгата за деца и млади „Диносаурус“ од познатиот исландски писател Аевар Тор Бенедиктсон (Ævar Þór Benediktsson)  која е дел од серијалот „Твојата сопствена приказна“, излезе од печат деновиве во издание на „Бата прес“.

Илустрациите се дело на познатата илустраторка Евана Киса, а романот од исландски на македонски јазик го преведе Мери Кицовска. Објавувањето на ова дело е подржано и од „Исландскиот центар за литература“ и е во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, во текот на оваа и во наредната година со поддршка од Европската унија, во програмата „Креативна Европа“ ќе објави 15 книги за деца и млади од 15 познати европски автори.

-Во оваа приказна главни се диносаурусите. Децата ќе сретнат различни видови на диносауруси и ќе имаат авантура со птеросауруси, велоцираптори и бебиња диносауруси. Но, иновативно и интересно е што самиот читател е вклучен во приказната. Децата сами може да одлучат што ќе се случи. Секогаш кога приказната ќе заврши лошо, тие можат одново да ја читаат. Има многу различни краеви, се наведува за делото на Бенедиктсон.

Книгите на Аевар Тор Бенедиктсон каде што читателот е самиот одговорен за приказната, се многу популарни и наградувани во Исланд. Овој серијал е препознатлив по кусите поглавја, патувањето низ времето и едноставниот текст препорачлив за почетници во читањето.

Книгата е отпечатена со фонт што им го олеснува читањето на дислексичарите.

Аевар Тор Бенедиктсон е роден 1984 година во Исланд. Тој е еден од најпознатите исландски  писатели и има објавено 30 книги. Покрај литературните награди, има освоено и награди за филмски и драмски сценарија, а има и значаен придонес во науката и образованието. вг/

Остани поврзан