• четврток, 26 декември 2024

Објавена втората сезона на „Сквид гејм“

Објавена втората сезона на „Сквид гејм“

Сеул, 26 декември 2024 (МИА) - Епизодите oд втората сезона на дистописката јужнокорејска ТВ-серија „Игра на лигњи“ - позната во светот како „Сквид гејм (Squid Game)“, се објавени денеска на платформата „Нетфликс“. Сценаристот-режисер Хванг Донг-Хјук по тој повод, вели дека станал рамнодушен, поточно „отрпнал“ кон екстремното насилство во серијата.

- За некои сцени, како оние кога вадат органи, мислам дека, да не бев јас тој што ги создаваше, веројатно самиот би ги покривал очите. Но, како креатор, морам да го визуелизирам она што сум го создал и напишал. Претпоставувам дека на некој начин сум малку „отрпнат“, но можам да кажам дека не сум тип кој лесно гледа такви експлицитни сцени, изјави Хванг за „Скај њуз“.

Замислена првично како филм, првата сезона излезе во 2021 година, како своевиден феномен за време на корона-карантинот и стана најгледаната нова серија на „Нетфликс“. Уште повеќе, 53-годишниот режисер влезе во историјата на „Еми“ наградите како првиот Азиец кој го добил одличјето за извонредна режија за драмска серија.

Ова се покажа како мудар потег за стрим-платформата, уште повеќе зашто сега на неа има понуда од 120 корејски серии и филмови.

Продолжението, чијашто приказна се одржува три години по победата на „Играчот 456“, се чини, носи голем број нови начини за „елиминирање“ и насилство врз натпреварувачите. Хванг јасно стави до знаење дека „Сквид гејм“ не е за деца - во светот и двете сезони се означени за лица со 15+, 16+, 18+ години, а во Јужна Кореја се обележани со 19+. Тој нагласи дека е против тоа - деца да ја гледаат серијата.

- Оние кои се „елиминирани“, така да кажам, или оние кои губат во натпреварот, имаат живот полн со болка и јас се обидов да го изразам тоа... Сепак, серијата е помалку насилна од вистинската криминална содржина - жанр што, исто така, доживеа експлозивна популарност за време на карантинот и во којшто „Нетфликс“ особено се истакнува, вели режисерот.

Тој, инаку, ги отфрли наводите дека успехот со серијата му донел богатство, како на богатите што ги сатиризира.

- Можеби сега сум во подобра состојба отколку порано, но мислам дека тоа нема да ме доведе до тоа богатство и ниво на влијание... Мојот приказ на оние кои ја злоупотребуваат својата екстремна финансиска или политичка моќ - ќе одекне во иднината. Би сакал да бидам запомнет како некој што предизвикува размислување, кој им отвора можност на луѓето да имаат позначајни разговори за такви теми, појасни Хванг.

Последната, трета сезона од серијата би требало да излезе следната година.  си/

Фото: ИМДБ

Остани поврзан