Обраќање на претседателот Гаши на доделувањето сертификати за завршена Академија за пратеници
- СООПШТЕНИЕ - Да се биде пратеник не е само голема чест, туку и сериозна одговорност. Мандатот што го добиваат со довербата од граѓаните бара знаење, трпение, интегритет и способност да се слушнат и оние што размислуваат поинаку. Затоа, кога еден пратеник ќе одлучи да ги унапредува своите интелектуални и политички капацитети со цел да го подигне квалитетот на претставувањето, тоа за мене претставува благороден и визионерски чин.
Скопје, 28 април 2025
Почитуван заменик-амбасадоре на Обединетото Кралство, г. Даниел Фајлер, Почитуван директор на Форумот за разумни политики, г. Гордан Георгиев, Почитувани пратеници, почитувани присутни,
Задоволство и привилегија е да бидам дел од овој свечен настан, кој претставува значајно достигнување не само за пратениците и нивните партии, туку пред сè за Собранието и за граѓаните кои тие ги претставуваат.
Да се биде пратеник не е само голема чест, туку и сериозна одговорност. Мандатот што го добиваат со довербата од граѓаните бара знаење, трпение, интегритет и способност да се слушнат и оние што размислуваат поинаку. Затоа, кога еден пратеник ќе одлучи да ги унапредува своите интелектуални и политички капацитети со цел да го подигне квалитетот на претставувањето, тоа за мене претставува благороден и визионерски чин.

Во тој контекст, уверен сум дека Академијата за пратеници не претставува само програма за градење и развој на капацитетите на пратениците, туку во својата суштина е стратешка инвестиција во парламентаризмот: во квалитетот, функционалноста и подобрувањето на политичката култура во Собранието.
Дури и во време кога политичкиот речник често е затруен со раздорна, навредлива и поларизирачка реторика, учеството на пратениците во оваа академија претставува искра на надеж. Таа нè потсетува дека е возможно и неопходно да изградиме нова политичка сцена: со помудри и похумани политичари кои ја ценат дебатата, ги почитуваат процедурите и ја негуваат меѓусебната почит. Цврсто верувам дека токму тоа ѝ е потребно на денешната политика: нов дух што ја нагласува идејата, а не партиската боја; дијалогот, а не конфронтацијата; решението, а не блокадата.
Преку оваа Aкадемија, создадена е заедничка основа каде што може да се негува соработка, да се зајакне комуникацијата и да се произведат конкретни резултати за општото добро, без оглед на идеолошките разлики.
Како претседател на Собранието, верувам дека оваа институција има морална и демократска обврска да промовира соработка, почит, толеранција и достоинствено претставување. Ова не го велам случајно, туку убеден сум дека без искрен дијалог и соработка надвор од линиите на поделба, секоја реформа останува површна, а секој закон недоволен. Во таа насока, проекти како оваа Академија се камен-темелник на визијата за изградба на Собрание кое им служи на граѓаните со професионализам и одговорност.
Собрание на РСМ
Фото: Собрание на РСМ
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.