• сабота, 16 ноември 2024

О'Брајан: Се поставува прашање дали можеме да ја третираме косовската Влада како партнер

О'Брајан: Се поставува прашање дали можеме да ја третираме косовската Влада како партнер

Вашингтон, 13 февруари 2024 (МИА)  - Американскиот помошник државен секретар Џејмс О'Брајан денеска изјави дека САД се загрижени поради уредбата на Централната банка во Приштина со кој се забранува употребата на динарот на Косово и нагласи дека властите треба да ја повлечат таа одлука. 
Во интервју за „Гласот на Америка“ на албански јазик, тој рече дека со забраната на динарот, Приштина го доведе во прашање партнерството со САД, бидејќи ја донеле таа одлука и покрај противењето на Вашингтон.

„Имав неколку разговори со Курти во периодот пред објавувањето на одлуката. Тој ја разбра нашата загриженост, вети дека ќе работи на тоа, но јасно одлучи да ја одобри одлуката. Ако не не третира како партнер, се поставува прашањето  дали таа влада можеме да ја сметаме за партнер“, нагласи О'Брајан.

Новата регулатива на Централната банка на Косово, која стапи на сила на 1 февруари, го прави еврото единствена валута за плаќање во Косово.  Меѓународните ја повикаа Владата да ја одложи одлуката за транзициски период, за подобро информирање на граѓаните. Но, Владата не даде знаци дека ќе се откажат - иако од ЦБК најавија дека ќе има тримесечен рок за „едукација и информирање“ на заедниците. 

Но, О'Брајан бара одлуката целосно да се повлече и потоа да се бара решение.

„Луѓето треба да знаат како ќе си ги платат сметките, кога го читам соопштението на Централната банка не пишува дека ќе се дозволи користење на динарот. Вели дека ќе биде понудена алтернатива. Тоа мораше да се направи пред да се спроведе одлуката во соработка со засегнатите заедници и соседите засегнати од одлуката и искрено со Европската Унија и со нас. Така што не, треба веднаш да го прекинат ова и потоа да работат на решавање на конкретниот проблем...како што постапуваат современите европски држави“.

О'Брајан рече дека Косово не ги зема предвид советите на своите партнери за таа одлука.

„Современите европски земји ги решаваат овие прашања со прелиминарен дијалог и навреме ги информираат жителите“, рече тој и дека одлуката на ЦБК е донесена без планирање и набрзина.

„Ова е прашање на партнерство и способност во владеењето. Сите проблеми што се појавија откако беше објавена таа одлука беа идентификувани во првите 5-10 минути откако дознавме за тоа. Но, владата продолжи со нејзиното спроведување без предупредување... Ова не е форма на ефективно владеење. Ние сме многу загрижени, бидејќи ова ја покажува неспособноста на владата да им служи на своите граѓани, но и за партнерството.Да се биде дел од Европа денес значи решавање на прашањата преку дијалог со ефективно планирање и предупредување. Оваа одлука беше објавена набрзина, без предупредување и без обид да се искористат постојните механизми за да се најдат одговори на сите проблеми кои би можеле да се појават“, изјави помошникот секретар на САД. зш/

Остани поврзан