• сабота, 23 ноември 2024

Обвинителство: Атентатот на словачкиот премиер Фицо се истражува како обид за убиство со предумисла

Обвинителство: Атентатот на словачкиот премиер Фицо се истражува како обид за убиство со предумисла

Братислава, 22 мај 2024 (МИА) - Минатонеделниот атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо се истражува како тежок обид за убиство со предумисла, изјави денеска генералниот обвинител Марош Жилинка по седницата на Совет за државна безбедност.

Иако не се исклучува можноста оваа правна квалификација да се промени, Жилинка истакна дека истрагата е во рана фаза и потребно е да се избегнуваат шпекулации.

Генералниот обвинител ги повика медиумите да се воздржат од коментари за тековната истрага и увери дека повеќе информации ќе бидат објавени кога тоа ќе биде можно.

Окружното обвинителство во Банска Бистрица започна кривична истрага за протекување на информации за здравствената состојба на премиерот, кој беше ранет во атентатот. Обвинителот Марош Жилинка соопшти дека на 17 мај е покрената истрага поради неовластено постапување со лични податоци.

Потпретседателот на Владата Роберт Калињак изјави дека е невозможно да се процени кога Фицо ќе се опорави, нагласувајќи дека неговата здравствена состојба е сè уште сериозна. - Телото сè уште реагира на самите хируршки интервенции и на индивидуалните процедури за третман што се применуваат. Тоа ќе може да се процени дури кога ќе почне рехабилитацијата... Денес се уште е невозможно да се процени. Неговата состојба се уште е многу сериозна, истакна Калињак.

На Фицо пукаше 71-годишниот писател Јурај Цинтула, кој веднаш беше уапсен. Премиерот беше префрлен во болница каде што беше подложен на повеќе операции. Словачкиот суд пресуди Цинтула да остане во притвор и му се заканува казна од 25 години до доживотен затвор. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан