• понеделник, 23 декември 2024

Обвинителство нема да поднесе жалба на пресудата на „Титаник 2“ за да спречи одложување, одбраната ќе бара укинување 

Обвинителство нема да поднесе жалба на пресудата на „Титаник 2“ за да спречи одложување, одбраната ќе бара укинување 

Скопје, 23 јануари 2023 (МИА) – Јавниот обвинител Гаврил Бубевски, по изрекувањето на денешната пресуда за случајот „Титаник 2“, што се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година во Општина Струмица, а во која обвинетите беа прогласени за виновни и Судот им изрече вкупна казна од 12 години затвор, рече дека е задоволен од изречената пресуда, додека, бранителот на обвинетиот Сашо Мијалков, најави дека ќе поднесат жалба по однос на истата.

- Со оглед на тоа што при секоја жалбена постапка веќе се обременува предметот јас не би поднел никаква жалба во однос на казната и мислам дека е во рамките на она што е предвидено со закон и токму поради причината да се спречи одложување на постапката за да може Апелација да одлучи во законскиот рок, изјави обвинителот Гаврил Бубевски.

Тој потсети дека во завршниот збор направи преквалификација која што предвидува минимум казна затвор од три до 15 години, а во однос на изречените казни рече оти смета дека не се под минимум.

- За Мијалков не е под минимум затоа што е од 1 до 5, за другите се под минимум, меѓутоа тие не се осудувани, таква е и казнената политика вообичаено, рече тој.

Адвокатот Љупчо Шврговски, бранител на обвинетиот Сашо Мијалков, кажа дека ќе поднесат жалба по однос на пресудата.

- Ваквата пресуда не може да ја издржи правната критика на одбраната, отелотворена преку жалба за која што сметаме дека апелациониот суд ќе ја прифати и дека или ќе ја укине првостепената пресуда или дека ќе закаже главна расправа на која што мериторно ќе одлучи по овој кривично правен предмет, рече тој.

Според него, несфатливо е дека и покрај укажувањето на апелациониот суд, како што рече, законскиот основ на кој што се повикува јавниот обвинител во обвинението не е повреден од страна на обвинетите.

Во однос на прашањето за застарувањето на делото, адвокатот рече дека тоа треба да биде упатено на друга адреса.

- Ова прашање требаше да го поставите на друга адреса, затоа што ако ја следите хронологијата на настаните ќе видите дека досега ниту едно единствено рочиште не е одложено по барање на одбраната или одбраната била причина, или обвинетите, за одлагање на овој предмет, рече тој.

Според него, и оваа осудителна ќе ја доживее истата судбина со претходната пресуда, поради тоа што, како што рече „не се почитувани напатствијата на Апелациониот суд“.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во овој случај беше осуден за стореното кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ со казна затвор во траење од две години, во која се пресметува и времето поминато во притвор. 

Судот на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“ судот го осуди на казна затвор од две години. 

На поранешните членови на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, судот за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“, им изрече казна затвор од по две години. 

Основниот кривичен суд во Скопје на 8 март 2019 година на обвинетите во случајот „Титаник 2“ им изрече вкупно 19 години и осум месеци казна затвор, но Апелациониот суд Скопје во ноември 2019 година, поради суштествени повреди на постапката, ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно одлучување. ар/аа/

Остани поврзан