• петок, 16 мај 2025

Обвинителството ги повика семејствата на настраданите во пожарот во Кочани на средба со обвинителите кои работат на случајот

Обвинителството ги повика семејствата на настраданите во пожарот во Кочани на средба со обвинителите кои работат на случајот

Скопје, 28 април 2025 (МИА) - Јавното обвинителство упати покана до семејствата на настраданите во пожарот во Кочани доколку сакаат подетално да се запознаат со сите аспекти од истражната постапка, во текот на утрешниот ден да остварат средба со јавниот обвинител и со обвинителите кои постапуваат по предметите. 

Како што е наведено во соопштението од Обвинителството, семејствата на настраданите треба да назначат најмногу по еден член од семејството кој би присуствувале на средбата. 

- Во текот на утрешниот најавен протест на семејствата на жртвите во пожарот во кочанската дискотека "Пулс", Јавното обвинителство поканува на средба претставници на семејствата кои би сакале подетално да се запознаат со сите аспекти на истражната постапка. Доколку кај блиските на жртвите постои таков интерес, тие можат да определат свои претставници (најмногу по еден член од семејство на секоја од жртвите) кои ќе остварат средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и обвинителите кои постапуваат во предметите, се наведува во информацијата од Обвинителството.

Семејствата на настраданите во пожарот во Кочани за утре најавија протест во Скопје. бак/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан